Министерот за здравство Венко Филипче, истакна дека зголемен е и бројот на пациенти кои се хоспитализираат, меѓутоа не до тој степен да ги загрозуваат болничките капацитети.

– Има зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во државава. Во овој момент се уште траат испитувањата во лабораторијата во МАНУ. Во текот на вчерашниот ден имав разговори со претставници на лабораторијата од клиниката „Жан Митрев“, каде британскиот сој е присутен во 70 проценти. Очигледно е дека се зголемува бројот на заболени, а еден дел од ова зголемување на бројките се должи и на присуство на тој сој на вирусот, кој полесно се пренесува, рече Филипче.

Во делот на мерките, тој потенцира дека дефинитивно е можно воведување дополнителни рестриктивни мерки, меѓутоа засега не.

– Гледаме и следиме дали овој тренд ќе продолжи на овој начин до тој степен да биде ризик повторно да се оптоварат болничките капацитети и поради тоа што засега нема таква индиција сметаме дека ова е нешто што сега засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност, додаде Филипче.

И додека министерот Филипче највува нови рестриктивни мерки, денеска започна првата фаза од спроведувањето на пописот, а тоа е дека од денеска ќе можат да се попишуваат луѓето од диаспората.

Инаку ова може да се смета како малку контрадикторно од страна на властите. Од една страна министерот за здравство најавува нови рестриктивни мерки, додека пак од друга страна власта инсистира на одржување на пописот кој за опозициската ВМРО-ДПМНЕ е политичка а не статистѕичка операција.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјавија дека собрани се 100 илјади потписи од граѓани кои сметаат дека законот за попис треба да биде поништен и пописот да се одложи за наредната година.

Од таму и порачуваат на власта да не водат инает и барем нека се освестат дека одржувањето на ваквиот попис освен што нема да биде статистичка опперација, туку тој во вакви услови кога имаме зголемување на позитивни случаи на коронавирус, може да биде опасно и по здравјето на граѓаните, и повикаа да го одложат пописот за наредна година каде ке има услови за спроведување на попис по европски стандарти.