Комисијата за заразни болести едногласно одлучи на Владата да ѝ предложи мерки кои значат сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во сите институции, како и во сите владини институции, за влегување на работно место да мора да прикажат потврда за примена најмалку една доза вакцина, или потврда за прележан ковид-19 не постара од 45 дена од денот на оздравувањето, или ПЦР негативен тест не постар од 72 часа направен на сопствен трошок, или пак потвдра од лекар – специјалист дека имаат таква болест поради која не смеат да примат вакцина, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче рече дека Комисијата за заразни болести ѝ препорача на Владата да донесе одлука со која вакцинацијата ќе биде задолжителна за сите здравствени работници,

Комисијата им препорачува, со вакви мерки кон вработените, да се приклучат и приватните компании и фирми, рече министерот информирајќи дека веќе добиле писмо со слична содржина во барањата од страна на Сојузот на стопански комори, од каде ја истакнале важноста од редовен и непрекинат произвеоствен процес.

-Ваквите мерки препорачуваме да стапат во сила на десеттиот дена откако Владата би ја донела одлуката според овие наши препораки со цел граѓаните кои досега не се вакцинирале да имаат време тоа да го сторат, рече Филипче.

Тој оцени дека Комисијата за заразни болести предвид ја имала ситуацијата со пораст на новозаразени лица со ковид-19, како и состојбите во регионот каде состојбите се влошени.

-Нашиот здравствен систем не смееме да дозволиме постојано да се оптоварува со нови и нови ковид-центри на сметка на останатите здравствени оддели, зашто тоа е на штета на пациентите со други болести, како и на штета на граѓаните зашто се одложува детекцијата на болестите, што е многу важно во превенцијата. Не може здравствениот систем да работи главно со ковид-пациенти, рече Филипче.

Идентични мерки од завчера започнаа да се спроведуваат и во Хрватска.