Министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше средба со поранешните амбасадори на Република Македонија во Република Бугарија – Никола Тодорчевски, Александар Василевски и Марјан Ѓорчев. Средбата беше реализирана како дел од пошироките консултации на министерот Османи со истакнати личности од областа на надворешната политика, а поврзано со актуелниот политички дијалог со Република Бугарија, соопшти МНР.

Османи ги запознал соговорниците со текот на разговорите, меѓусекторската соработка, рефлектирана преку воспоставените работни групи и континуираните средби на највисоко политичко ниво.

Нагласено е дека надминувањето на отворените разлики, претставува стратешки интерес и за двете држави, за што постои цврста волја и посветеност, која може да се огледа во динамиката на дијалогот меѓу двете влади и одржувањето на заедничката владина седница, на крајот на јануари.

Османи изразил интерес за ставовите на поранешните амбасадори, имајќи го предвид нивниот мандат во Софија и доброто познавање на земјата.

– Го ценам Вашето искуство и запознаеност со околностите во односите на нашата држава со Република Бугарија и во оваа фаза на разговори, секоја сугестија и размислување е добредојдена и корисна, со цел размена на мислења и креирање на кохезивност за клучните прашања од стратешки интерес за Македонија, истакнал Османи.

Министерот Османи ги информира своите соговорници и дека во тек е процедурата за назначување на нов амбасадор во Бугарија, соопшти Министерството.