Синот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, 24-годишниот Иван Шилегов ќе раководи со угостителска подружница во „Ист Гејт Мол“, најголемиот затворен трговски центар во Македонија кој треба да ги прими првите посетители следниот месец, дознава „Фактор“.

На адресата на Ист Гејт Мол е регистрирана подружница на Папас-Гроуп во која основна дејност ќе биде подготовка и послужување на пијалоци, а според информациите на порталот, Шилегов џуниор ќе биде нејзин раководител како овластено лице.

„Фактор“ се обиде да стапи во контакт со синот на градоначалникот на Град Скопје, но тој не одговараше на нивните телефонски повици и пораки во обидот да дојдеме до одговор дали станува збор за меѓународна франшиза и за каков тип на угостителски објект станува збор.