Душко Арсовски е новиот портпарол на Владата. Покрај Арсовски, активен портпарол на Владата останува и Муамет Хоџа, соопштија денеска од Владата.

Оттаму велат дека Душко Арсовски е новинар со дводецениско работно искуство. Од 2012 година е уредник за надворешна политика во МРТ, уредник на централниот дневник и во еден период заменик главен уредник на Информативната програма.

Претходно работел како новинар/продуцент и шеф на дописништвото на „Би-Би-Си“ на македонски во Скопје. Две години бил уредник и водител на вестите на „ТВ Алфа“ како дел од тимот којшто ја основаше телевизијата.

Кариерата ја започнал во „Македонското радио“, во програмата за деца, во 1998 година. Подоцна преминал во скопската телевизија „Скај Нет“ и во „Македонската телевизија“ каде работел како новинар за надворешна политика, а подоцна и уредник на Дневникот.

Дипломирал интердисциплинарни студии по новинарство на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје во 2001. Во 2017 година станува магистер на „Меѓународни односи – разрешување конфликти“ на Филозофскиот факултет при УКИМ во рамките на ТЕМПУС програмата. Во академската 2003/2004 бил на стручно доусовршување, во областа на новинарството на Државниот универзитет на Ново Мексико, САД, со стипендија од Стејт Департментот.