Не го уривај тоа што го имаш мечтаејќи за тоа што го немаш, туку сети се дека тоа што го имаш денес е нешто за кое што до вчера си имал само надеж дека ќе го имаш.
Овие зборови на грчкиот филозоф Епикур од почетокот на 4 век пред нашата ера до ден денес не изгубиле ништо од својата актуелност и секој може да ги користи во секоја пригода во зависност од темата и аголот од кој се гледа на нештата. Во актуелниот дневно-политички миг, пак, се налагаат од аспект на новата цена, што ќе треба да ја плати Република Македонија за официјален почеток на преговорите за членство во Европската унија, покрај онаа што ја плати за членството во НАТО. А, таа е директно поврзана со идентитетот на етничките Македонци, со нивниот јазик, култура, историја, традиција, со нивното постоење.
Република Македонија е веројатно една од ретките, ако не и единствена држава во светот во која од архивите на најважните државни институции на чудесен начин исчезнуваат документи значајни за нејзината државност!!!
Кога се отвораше Музејот на македонската револуционерна борба излезе дека во претседателската и во собраниската архива недостасуваше Декларацијата за независност на државата. Долгогодишниот пратеник и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во неколку интервјуа за различни медиуми обелоденува дека никој не знае и не може да го најде договорот меѓу првиот претседател на независна и суверена Република Македонија, Киро Глигоров, и генералот Аџиќ за мирното повлекување на некогашната ЈНА од македонска територија. Најнов документ, што излезе дека недостасува, е тој поврзан со петте личности, што Македонија и Бугарија ќе треба заеднички да ги чествуваат, согласно Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој е составен дел од Првиот меѓувладин протокол.
За тоа што се недостасува од предадените лични досиеја на поранешните тајни служби во Државниот архив нема ни да спомнам, иако и оваа тема е актуелна, во согласност со „францускиот предлог“.
Исчезнувањето на документот од првиот меѓувладин Протокол потпишан со Бугарија не е бесзначајно. Тука најмал проблем е што тој послужи за меѓусебна пресметка меѓу актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, и екс-вицепремиерот за евро-интеграции и исто така екс-министер за надворешни работи, Никола Димитров. Проблемот е во тоа што тој отвора редица прашања, а меѓу нив и суштинското, на кое ни самото надлежно Министерство за надворешни работи не може или не сака да даде одговор!!!
Министерството што го раководи Бујар Османи не може или не сака да даде одговор дали македонските и бугарските водечки политичари заеднички ќе го чествуваат 24 Мај како Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо или како ден на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј! Зашто, според содржината на Протоколот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, уште во 2019 година, 24 Мај го чествувал токму како Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо и на тоа никој, апсолутно никој, ни од МНР, ни од Владата, ниту, пак, шефот на државата Стево Пендаровски реагирал соодветно. Напротив, прифатено е како нешто сосема нормално! Што значи дека во иднина заедничкото чествување на 24 Мај ќе биде или според бугарски терк или ќе зависи од тоа дали Република Македонија ќе ја претставува политичар од македонскиот или од албанскиот политички корпус!?
Само во ненормална држава, ненормалните работи можат да се продаваат како нормални! Никаде на друго место.
А, на ненормалните работи како да им нема крај. Уште со објавувањето на Протоколот и на препораките на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања стана јасно дека власта на СДСМ и ДУИ и македонските историчари прифаќаат работи со кои се враќаат назад во историјата и се однесуваат и изедначуваат со султанот Абдул Хамид Втори! Токму зад името на Абдул Хамид Втори стои поимот „Забранетото име“ за Македонија и обидот за менување на Библијата!
Ај што бугарските историчари им се изнасмеаја в лице на македонските околу нивните забелешки, туку нашиве во препораките за учебниците како велелепен дострел го сметаа третиот став во кој се вели:„Сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Република С.Македонија се неосновани“.
Во учебниците нашите учебникари можат да стават, што ќе им препорачаат нашите избрани историчари, ама не можат да ја сменат Библијата! Или и тоа можат? Во името на Бугарија и на Бугарите! Па, ќе излезе дека апостол Павле за да го шири христијанството не дошол во Македонија, туку во Бугарија!?
„Забранетото име“ е наслов на трудот на проф.д-р Ванчо Ѓоргиев, кој го напушти членството во Комисијата поради политички притисоци и не придржување кон протоколот за нејзината работа, што е подготвен по повод 70-годишнината од основањето на Институтот за национална историја. И во него меѓу другото е наведено:
„…На 16 јуни 1903 година, американскиот весник „The Sun“ објавува текст со наслов „Турчинот како критичар на библијата“ со поднаслов „Зборот Македонија после многу години го предизвика цензорот. Тој сака името на територијата да биде заменето со независно име“. Притоа весникот цитира дел од писмото на свештеникот Марселус Боувен (главен агент на Американското библиско друштво во Истанбул) каде се вели:„Имаме сериозни тешкотии во Турција со Одделението за јавно образование. Цензорите се побунија за зборот Македонија во Новиот завет…Во однос на античкиот географски термин Македонија, кој се појавува во првото послание на Павле до Солуњаните, Турците сега инсистирааат овој збор да биде заменет со модерниот термин „Вилаетите Слоника и Монастир“. Според написот, агентот на библиското друштво во Истанбул не добил образложение за таквата постапка на цензорите, но друштвото во САД претпоставува дека одлуката била последица на сложената ситуација на Балканот поради македонското прашање. Покрај тоа, весникот истакнува дека американскиот и англискиот претставник во Истанбул биле замолени да му објаснат на големиот везир дека безбедноста на Турција не зависи од ревизијата на посланијата на Павле…“.
Абдул Хамид Втори реагирал во одбрана на Османлиската империја, а нашата власт на СДСМ и ДУИ и шефот на државата Пендаровски не реагираат за да ја одбранат Република Македонија и Македонците во неа, туку прават се за да не им се спомене ниту името! Се разбира со помош на избраните историчари на чело со „органскиот“ академик Драги Ѓоргиев. На добар пат се да ја сменат и Библијата.
Има една српска поговорка која на македонски би била-Додека има „ќурани“, ќе има и подварок.
Comments are closed for this post.