Ние имаме добиено едно чудо датуми, но се уште не сме ги почнале пристапните преговори со Европската Унија, вели вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

– Прашањето на македонскиот јазик е прашање за македонскиот народ. Како што ние не одиме наоколу и не велиме – вашиот јазик не е ваш јазик…, нашиот јазик е наша работа. Во однос на тоа имаме целосно разбирање од сите земји членки, од претседателката на ЕК, од претседателот на Европскиот Совет и тоа прашање го затворивме во ООН, каде јазикот ни е македонски, вели Димитров.

Во однос на европскиот пат, Димитров потенцира „толку време одиме во циклус на надеж, што мораме да сме одговорни кон народот“.

-Декември е многу тешко, но да видиме што ќе биде во јануари. Ние имаме едно чудо датуми добиено, но се уште не сме ги почнале пристапните преговори. Сепак, Кирил Петков дава некои нови тонови, појаснува Димитров во гостувањето на „Емисија 200“.

Според него, ЕУ има проблем со политиката на проширување.

-Факт е дека ЕУ има проблем со политиката на проширување што се прекршува на нас, се прекршува на соседна Албанија и денес не мислам дека тој проблем ќе се реши овие денови, рече Димитров.