Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, ги прими акредитивните писма од страна на Димитрис Јанакакис, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Македонија.

 Изразувајќи задоволство од отворањето на ново поглавје во односите меѓу двете држави со значителен потенцијал за нивно натамошно збогатување и унапредување, претседателот Пендаровски истакна дека овој чекор се должи, пред сè, на посветеноста на двете држави кон градењето добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и транспарентност.

 Договорот од Преспа создава големи можности за постојано и значително унапредување на соработката на сите полиња и изградба на партнерски однос како што доликува на две соседни земји што споделуваат евроатлантски вредности“, рече претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека нашата земја во духот на добрососедството е подготвена за натамошна посветена и суштинска соработка со Република Грција, што е од интерес за граѓаните на двете земји и нивната благосостојба.

 Заблагодарувајќи се за топлото добредојде, амбасадорот Јанакакис истакна дека е почестен што е назначен за прв амбасадор на Република Грција во Македонија и рече дека, од 2016 година, откако ја вршел должноста шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје, е потпишан Договорот од Преспа, ратификуван и стапен на сила, што доведе Грција да го поддржи пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, нагласи Амбасадорот и додаде дека неговото целосно и навремено спроведување е од витално значење за односите меѓу двете земји.