Министерката за правда Рената Дескоска по обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека таа е пречка што законот за јавно обвинителство не е донесен, му порача да си погледне во сопствениот двор и да се праша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот.
Според неа вистинската намера на нивните позиции во однос на законот за јавно обвинителство е разобличена.
Интересно, формалниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес ме обвини дека јас сум пречка што Законот за јавно обвинителство не е донесен. Лошо е ако Мицкоски има искривена перцепција за реалноста и не знае да ја оцени вистинската состојба на разговорите за законот, ако не е свесен кои се црвените линии за правда и владеење на правото чие почитување го бараат граѓаните, но и меѓународната заедница. Исто така е лошо и ако е свесен за тоа, но не ја зборува вистината, па намерно шири лажни вести. Му порачувам да си погледне во сопствениот двор и да се запраша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот, напиша на фејсбук Дескоска.
Таа посочува дека се додека истакнуваат барања кои значат рушење на правната држава и амнестија за криминалот – тие барања нема да поминат.
И тоа не е само мој став. Тоа е став и на СДСМ, тоа е став и на нашите граѓани. Јас тој став, како министер за правда го застапувам досега и ќе продолжам да го застапувам и понатаму, пишува министерката за правда.
Сепак во интерес на вистината, како што посочува Дескоска, „ морам да кажам дека целиот наш четворочлен тим е апсолутно обединет во бранењето на црвените линии – правда и правна држава, што ја прави мојата позиција како водач на тимот многу комотна“.
Comments are closed for this post.