Планот за вакцинација е подготвен и тој предвидува дневно да се вакцинираат од 2 000 – 2 500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана и втора што треба да се прими после 21 ден

Денеска се очекува Министерството за здравство да го потпише договорот за набавка на 200 000 кинески вакцини против ковид-19. Овие вакцини се очекува да пристигнат први во земјава.

Потпишувањето ќе следува откако во петокот на затворена седница Владата го усвоила Договорот за набавка на вакцини од Кина и го задолжила Министерството за здравство да го потпише.

По нивното пристигнување треба да започне и процесот на имунизација.

„Вакцинацијата ќе се врши преку постоечката здравствена мрежа и вакцинални пунктови. Направен е детален план за транспорт од аеродром до сите места каде што вакцините се складираат, економските оператори и Здравствениот дом тука во Скопје, понатаму план за дистрибуција до вакциналните пунктови како и начинот на практично спроведување на вакцинацијата“,

изјави министерот за здравство Венко Филипче на на прес-конференција во петокот.

Планот за вакцинација е подготвен и тој предвидува дневно да се вакцинираат од 2 000 – 2 500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана и втора што треба да се прими после 21 ден.

Согласно планот први се вакцинираат сите лица од најризичната група, која е поделена на две групи – во првата се здравствените работници кои работат во Ковид центри со ковид пациенти, во втората се сите граѓани над 70 години.

Во втората фаза се вакцинираат лицата постари од 65 години, лица од 18 до 64 со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик, здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите и другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, критична инфраструктура и новинарите, вработени во образовните институции и градинки.

Во третата фаза останатите преостанати лица од повеќе групи од други важни дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделие, останати вработени во образование во здравство со низок ризик на зараза, лица коишто не можат да одржуваат физичка дистанца и на крајот сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.