Денеска во Основниот суд Скопје-2 треба да продолжи судското рочиште за тужбата за клевета против поранешниот претседател на Собранието на РМ, Стојан Андов, што ја поднесе професорот Љубомир Фрчкоски. Истовремено, треба да се одлучува и околу забраната на книгата на Андов „До атентатот и по него“.

Професорот Фрчкоски ја поднесе тужбата за клевета неколку месеци по објавувањето на книгата. Според него, во книгата се содржани клевети, што имплицираат негова вмешаност во атентатот врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Кратко потоа, Основниот суд Скопје-2 донесе времена мерка за забрана на продажбата на книгата.

Адвокатката на Фрчкоски, Ирена Фрчкоска, во изјава за медиумите тогаш потврди дека Судот донел вакво решение, и изрекол забрана за понатамошна продажба и располагање со спорната книга на Андов, по поднесена тужба за содржани клевети кон тужителот, како и предлог за времена мерка.

Имено, книгата содржи шокантно клеветничка содржина, од најексплицитен вид досега напишана, со која е извршена тешка повреда на личните права на тужителот, повреда на неговиот чест и углед како граѓанин. Сметаме дека штетата е веќе направена со самото објавување на книгата, нејзино пренесување и промовирање во јавноста, но на овој начин тужителот ќе добие морална сатисфакција, за делумно да се намали нанесената штета.

Ова е прва одлука кај нас со која се забранува понатамошна продажба и користење на книгата и само ваква одлука во конкретниот случај е правилна и сосема основана и има за цел да ги намали последиците кои настанаа од нејзиното објавување, изјави таа.

Малку подоцна, пак, Апелациониот суд ја укина времената мерка на Основниот суд Скопје-2 за забрана на продажбата на книгата „До атентатот и по него“ .

Адвокатот на Андов, Звонко Давидовиќ, тогаш изјави дека одлуката на првостепениот суд да ја забрани книгата е прејудицирање на пресудата. Тој објасни дека Фрчкоски не е наклеветен, бидејќи, како што изјави, Андов пишувал за пропустите во истрагата во тоа време, а тврдењето, додаде, го поткрепува со факти и со дадени изјави.