Нема да се одржат мастер дебати со сите претседателски кандидати, информира денеска тимот за комукации на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

-За жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие „мастер дебати“, се посочува во соопштението.

Оттаму посочуваат дека изминатиот период, преку интензивна комуникација на изборните штабови на сите седум претседателски кандидати беше постигнат консензус за одржување на две големи т.н. „мастер дебати“.

-На тој начин, во духот на демократијата и транспарентноста, јавноста ќе следеше отворена дебата за прашањата за кои се залагаат претседателските кандидати и за нивните програми. Исто така, штабот на кандидатот Стево Пендаровски одржа состаноци со одговорните лица од националните телевизии, како и последователни состаноци со претставници од изборните штабови на претседателските кандидати со цел да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите, како и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања, информираат од тимот на Пендаровски.

Дебатите, како што се наведува во соопштението, беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.

– Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие „мастер дебати“, се посочува во соопштението на тимот за комуникации на Пендаровски.