Вакви докази не смеат да протечат. Одговорност мора да има и за органот и за одговорните, први луѓе во него. И тоа одговорност лична, со име и презиме, а не колективна. Спроведување на ваква постапка за одговорност мора да биде проследена со порака, и генерална и специјална, и кон сторителот и кон сите други учесници во правниот систем“, изјави за Пресинг Тв, адвокатот Звонко Давидовиќ.

Пресинг Тв побара став од адвокатот Давидовиќ по вчершната изјава на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дека не може да гарантира дека најновите „бомби“, што се објавуваат, не потекнуваат од Специјалното јавно обвинителство.

Вакви разговори не смеат да излезат  никаде во јавноста, зашто имаат тежина на доказен материјал, а некои од нив сигурно имаат и степен на доверливост, па можеби и како државна или војна тајна. Во судска постапка дури ни одбраната не може да ги добие и види се до одредена фаза кога обвинителството е должно да ги предочи на одбраната, вели Давидовиќ.

Според него, секое течење на вакви информации е оневозможување или попречување на истражна или кривична постапка и има карактер на одавање тајна. Тој потенцира дека дури  и законската регулатива предвидува, оти по завршување на целата истражна или судска постапка, обвинителството е должно да ги попише и уништи ваквите материјали за да не може никој да ги користи. Зашто, меѓу нив има и лични разговори, што никако не смеат да стигнат во јавност оти се кршат елементарните човекови права и слободи.

Протекувањето е голем проблем за едно обвинителство. Тоа покажува дека не е на висина на задачата и не е кадарно да води определена постапка. Сето ова може на обвинитетите да им овозможи да се подготват или да избегаат од кривична одговорност и прогон или да ги уништат трагите и други документи од кривичното дело, да влијаат врз сведоци, па и да се дадат во бегство, вели Давидовиќ.

Познатиот адвокат потсетува и на неколку досегашни искуства со протекување информации од обвинителството. На пример, ПИМ мерките и објавеното видео со Зоран Заев од кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, што некако се забошоти во јавност и не се дозна кој и како го објави. Потоа, примерот со аболицијата, што ја додели сега веќе поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов. Тогаш, пак, протекоа информации во кои беа наведени точните имиња на лицата за кои се однесуваше аболицијата, а од истото СЈО излегоа сомневања и обвинувања дека информациите протекувале од судијата Владимир Панчевски, па токму ѕатоа обара и претрес на неговата канцеларија. Но, и тоа се забошоти и остана без никаков епилог.