Заврши седницата на Централниот одбор на СДСМ. Како што информираше генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски едногласно била донесена  Декларација со која се дава поддршка на највисокото раководство на СДСМ, но и останатите институции да продолжат со бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и за јакнење на правната држава.

„Последните случувања покажуваат дека постои целосна заштита и нов механизам, кој функционира на релација граѓани-обвинителство-МВР, кој може да се справи со криминал и корупција“, нагласи Николовски, додавајќи дека сите се еднакви пред законот.

На прашањата дали има сознанија кои се Кики и Фрики, за кои се тврди дека се високи функционери од СДСМ вмешани во „Рекетот“ на Бојан Јовановски и Зоран Милески, Николовски избегна да даде директен одговор нагласувајќи дека ЦО донел декларација, која застанала во одбрана на функционирањето на правната држава и правниот систем.

На прашањето дали Кики и Фрики биле присутни на седницата, Николовски одговори дека присустувале голем број членови на ЦО – пратеници, градоначалници и додаде дека сите биле едногласни во бескомпромисната борба против корупцијата и организираниот криминал.

Запрашан дали високи функционери на СДСМ се вмешани во „Рекет“ Николовски нагласи дека партиската припадност никого не амнестира од криминал.

„За разлика од многу други, кои ги блокираат институциите и се борат против правдата и не сакаат да дојдат на преговарачката маса само заради криминалот, ние целосно се бориме против нив, рече Николовски, додавајќи дека кој било граѓанин може да е вмешан во нешто, а институциите треба да дејствуваат за секого, без разлика дали е член на политичка партија“, рече Николовски.

За тоа како ќе постапат доколку Христијан Мицкоски не дојде на утрешната лидерска средба и како ќе обезбедат двотретинско мнозинство за законот за Јавното обвинителство, Николовски порача да се почека утрешниот ден да се види исходот.

„Да го почекаме утрешниот ден, да видиме дали тоа ќе се случи, да не дојде. Секако оваа држава има одговорност да бара инструменти да функционираат интитуциите и законите, секој поединец има политичка одогорност, уште повеќе пратениците имаат обврска во рамки на овој систем да обезбедат поддршка на правдата и на функционирање на институциите во тој поглед“, додаде Николовски.

На денешниот Централен одбор е заокружен процесот на промени во партијата со комплетирање на првите луѓе во партиските комисии.