На 16 април оваа година бугарските медиуми јавија дека Кирил Петков, премиер на Бугарија, и Илијана Јотова, вицепретседатлка на државата, „на покана на Културниот центар „Иван Михајлов“ ќе го отворат новиот „клуб на ова здружение во Битола…“. Меѓу две „нормални“ и соседни држави ништо чудно. Може да помине само како информација во средствата за јавно информирање и да биде акт за меѓусебно почитување и зголемување на довербата и како мост за зближување. Но, во нашиот случај не е така, пишува за „Пресинг ТВ“ проф. Тодор Чепреганов.

Што во суштина требаше да покаже овој чин?! Чин на добрососедство, чин на пријателство, чин на престанок на говорот на омраза, чин на почитување на различностите?! Или спротивното, чин на недобрососедство, чин на непријателство, чин на говор на омраза, чин на непочитување на различностите?!

Јас го доживеав како промоција на јавна сцена, во туѓа држава, на наци-фашисти и убијци. И тоа не било од кого, туку од бугарскиот политички врв премиерот Петков, вицепретседателкатаа Јотова, членот на парламентот Захариева и другата свита, која ги придружуваше. Сите до еден „докажани“ борци за европски вредности и стандарди!?

И сите тие во името на европските стандарди и вредности во Битола политички амнестираат и рехабилитираат човек кој го носи името на културниот центар Иван Ванчо Михајлов со 7 (седум) смртни пресуди и 1 (една) доживотен затвор. Шест му се изречени од воениот суд во Софија, 1 (една) од окружниот суд во Горна Џумаја и 1 (една) доживотен затвор од воениот суд во Софија. Човек кој никако не може да се стави во рамките на обединувач меѓу Бугарија и Македонија. Напротив, тоа е човек за кој постојат „говеда македонски“, а не Македонци со македонски јазик, историја и култура. Сигурно дека Петков знае дека за Иван Михајлов, Македонците не постојат, како и за него самиот. Па како може културен центар со такво име да обединува?! Тој може само да дели. Зарем немаа попогодна личност од асли бугарската историја да стават за име на културниот центар, а не да ги користат македонските историски личности и тоа одродените?! Сигурно дека ништо не е случајно.

Дали Петков и Јотова беа свесни што промовираат во Битола при отворањето на новиот клуб, на културниот центар „Иван Михајлов“? Ако не знаат да им кажеме. Говор на омраза и тоа од најдолен вид, недобрососедство, не соработка, не почитување на различностите. Дојдоа со цела политичка свита за да ни промовираат пропаганда, повторо да не потсетат на бугаризацијата, србизацијата и еленизацијата. Нешто што ние Македонците го влечеме до денес преку меѓусебните поделби. Наполно му дадоа легитимитет на наци-фашизмот, убиствата и тоталната негација на еден свој сосед во 21 век и сето тоа повикувајќи се на европските вредности.

Во овој случај, Петков и политичката свита која дојде со него во Македонија, амнестираа и рехабилитираа еден етнички одроден Македонец, со туѓа национална свест, кој не признава македонска нација, јазик и култура и се борел за бугаризација на Македонците. Наместо осуда за она што го направил Иван Михајлов, соработка со наци-фашистички држави и личности, наредбодавач на многу братоубиства меѓу Македонците, гледаме дека денешниот политички врв во Бугарија го амнестира и му дава легитимитет. Малку е чудно што во триесетите години на 20 век во тогашното Царство Бугарија постоеле судови, кои санкционирале одредени појави надвор од законот, што биле насочени против тогашниот систем, а тоа го покажуваат казните кои му биле изречени на Михајлов, во отсуство, за сторените дела.

Сигурно дека овој потег на бугарскиот политички врв не води кон добрососедство, пријателство и соработка. Напротив, како што можевме да видиме во Битола, тоа предизвика гнев од страна на Македонците кон гостите од Бугарија. И сосема во право. Промовирањето на клубови со задни намери, а за реализирање на свои политички, ниски цели се со краток век.

Прашањето е зошто македонскиот политички врв не презеде реципрочна мерка и не отиде во Пиринска Македонија и да отвори некој клуб на Македонците, кои живеат таму?! Вака испаѓа дека Македонија е „село без кучиња“ и секој може да прави што сака. Политичкиот врв молчи. „Не биле поканети“, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Па кој ја контролира државата?! Македонци или Бугари!!! Тие можат да се шетаат како сакаат и кога сакаат. Според оваа логика, државата е без контрола! Политички врв на туѓа држава ви влегува во државата, а вие имате по се изгледа само информација од амбасадата на дотичната држава и тие отвораат, затвораат клубови без да се има увид во тоа за што во суштина се работи.

Каде е македонскиот врв да реагира и да се произнесе за овие активности? Нема оправдување ид типот “не биле поканети“. Молчењето е знак на одобрување. Ова не е говор на омраза, ова е говор на разум и како историчар ме интересира и би сакал да знам дали може некој клуб во Македонија да се именува „Адолф Хитлер“, „Менгеле“, „Ајхман“ и дали државните органи, кои се одговорни за тоа, тоа ќе го дозволат? Имаме некои такви примери во Македонија преку кои молкум се поминува. Но, тоа го дозволува државата за мир во куќа. Што потоа се враќа како бумеранг.

Многу ме интересира дали и Иван Михајлов, според бугарската логика, ќе стане жртва на комунизмот и ќе го добие своето место во бугарскиот Пантеон на жртвите на фашизмот?!