Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица, соопшти утрово Основното јавно обвинителство Скопје.

За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал, се вели во соопштението.

Основното јавно обвинителство Скопје издало наредба да се обезбедат снимките од видео-надзорот во и околу објектот на Тетовската модуларна болница која синоќа, на денот на прославата на три децении независност, изгоре до темел и однесе повеќе жртви, пациенти заболени од ковид-19.

Од ОЈО Скопје соопштија дека обвинителите кои се на лице место на трагедијата до раните утрински часови ги сослушале вработените во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.

Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан, додаваат од ОЈО.​

За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје.

На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Република Македонија кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб.

Според неофицијалните информации, во моментот на избувнување на пожарот во болницата биле сместени вкупно 24 пациенти.

Како што дознава „Фокус“ од доброупатени извори, во пожарот имало и 15-та жртва, но ова тело не е донесено во Институтот за судска медицина. Дознаваме дека идентитетот на ова лице е утврден, но не е познато зошто телото не е предадено за обдукција.