Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција поврзана со одлуките од синоќешната 93. владина седница ги повтори очекувањата на Владата за постигнување двотретинско мнозинство за уставните измени за што денеска собраниската Комисија за уставни прашања треба да ја отпочне расправата по предлогот за потребата од уставни измени поднесен од Владата. Тој најави дека воведно обраќање на Комисијата ќе има премиерот Зоран Заев.

Сметаме дека оваа историска одлука пред која се наоѓаат пратениците во македонскиот Парламент е од суштинско значење за остварување на стратешките цели на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Сметаме и очекуваме дека мнозинството пратеници во Парламентот ќе ја послушаат волјата на мнозинството граѓани кои на 30 септември гласаа „за“ овие заложби, рече Бошњаковски, повторувајќи ги заложбите на Владата.

Република Македонија ги започнува преговорите за полноправно членство во НАТО, се воведува државна награда за унапредување на човековите права „Мето Јовановски“ и овоштарите ќе добијат по три денари субвенција за еден килограм предадено индустриско јаболко, се дел од одлуките донесени на вчерашната 93-та седница на Владата.

Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за елементите од пристапните разговори за членство во НАТО, кон кои Република Македонија треба да се приклучи на 18 и 19 октомври 2018 година, во седиштето на Алијансата во Брисел. Исто така, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за формирање Работен комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО. Членовите на Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО се задолжени да ги спроведат пристапните разговори на Република Македонија во седиштетото на НАТО во Брисел, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Владата донесе одлуки за доделување и срeдства на државниот студентски дом „Пелагонија”, како и на Државниот студентски дом „Скопје“.

Државниот студентски дом „Пелагонија” ќе добие 7.204.603,00 денари од Буџетот на Република Македонија за 2018 година со цел подмирување на трошоци за тековно работење, односно режиски трошоци за потрошена електрична енергија, трошоци за греење, за потрошена вода и трошоци за комунална хигиена, а кои што не можеле да се предвидат и планираат во буџетот на Државниот студентски дом ,,Пелагонија” – Скопје. За истата намена, вкупно 79.592.133,00 денари од државниот буџет, ќе добие и Државниот студентски дом „Скопје” – Скопје.