Поранешниот премиер Никола Груевски задоцни на денешното рочиште за насилството во општина Центар, a oбвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи побара од судот Груевски да биде приведен. Фатиме Фетаи во судница се повика на законските одредби според кои ако обвинето лице е уредно повикано, а не се појави на судење , ниту го оправда своето отсуство, веднаш да биде приведен. По излагањето на неговиот адвокат Дангов, со задоцнување од 15 минути обвинетиот Груевски влезе во судницата.

Предметот на Специјалното јавно обвинителство „Насилство во Центар“ ќе продолжи без обвинетиот Митко Пецов. Судот денеска, по барање на обвинителтите донесе решение да ја издвои постапката за Пецов и да продолжи со сведочење на поранешниот претседател на советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ и актуелниот градоначалник на општината Саша Богдановиќ.

Судијата Душан Јосифов  рече дека за Пецов е доставена медицинска документација во која било наведено дека има повреда на десеттиот пршлен и има мислење од специјалист да мирува и избегнува движење, како и да се јави на контрола по еден месец.