Бугарскиот премиер Бојко Борисов бил поканет од северномакедонскиот колега Зоран Заев заедно да се поклонат пред споменикот на Гоце Делчев на 1 август. Поканата дошла за време на нивниот разговор во Познањ во рамки на средбата на врвот на иницијативата Берлински процес, јавуваат бугарските медиуми.
Двајцата премиери ги разгледале постигнувањата и предизвиците во обостраните односи. Според Борисов и Заев, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка дал позитивен импулс во партнерството меѓу двете земји. Северномакедонскиот премиер го одреди Договорот како „наш најголем успех“.
Потребна е нова динамика во работата на Комисијата, што ќе доведе до брзи и категорични резултати до крајот на 2019 година околу теми како Илинденско-Преображенското востание, Гоце Делчев и други, подвлече Борисов.
Според бугарскиот премиер, помеѓу двете страни постои доверба, но оти сега „треба да работиме за доверба меѓу администрациите и комисиите за да има реален резултат“.
Борисов изрази задоволство што вистината за фактите од заедничката историја почнала отворено да се говори во општествениот простор на Северна Македонија и се надева дека тоа ќе биде трајно.
Македонскиот премиер увери дека јавно преземените обврски спрема Бугарија, меѓу нив и издавањето дозвола за подигнување споменик на полковникот Константин Каварналиев крај Дојран се во тек и оти веќе има одлука за споменикот.
Се очекува во текот на октомври Бугарија и Република Северна Македонија на највисоко ниво заеднички да ја одбележат 1005-годишнината од смртта на цар Самоил. Двајцата премиери изразија мислење дека тоа ќе биде доказ за ефикасно исполнување на преземените обврски од протоколот од 10 јуни, потпишан за време на првото заседание на Меѓувладината комисија.
Comments are closed for this post.