Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно, но тоа не може да се случува на наша сметка со прекројување на историјата. Ова го изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов по завршувањето на консултативната средба на највисокото државно раководство кај шефот на државата Румен Радев во врска со односите со Северна Македонија.

Нека прифатат дека сме братски народи, изјави премиерот.

Според неговите зборови, ако ја спречат Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа би било запишано во историјата, откако сите други 27 држави би ја поддржале.

„Темата за Западниот Балкан беше издигната на највисоко ниво. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со преговорите со Северна Македонија. Никогаш не сме поставиле или изјавиле дека безусловно го поддржуваме нивното влегување во ЕУ. Ние имаме уште 71 инструмент на располагање потоа, мислам дека толку се главите за преговори. Нека престанат да си играат со историјата и минатото и да се концентрираат на иднината. Се разбира, таа иднина директно не засега-Коридорот 8 и проширување на КПП“, изјави уште Борисов.

Претседателот Радев, пак, изјави дека се неопходни итни дејствија за градење национална позиција во односите со Северна Македонија и нејзиниот прием во ЕУ. Според него, владата се ангажирала да формулира јасни крајни цели пред почетокот на преговарачкиот процес за членство во ЕУ од страна на Северна Македонија.

Важно е да се исцртаат и т.н. црвени линии, што треба да гарантираат дека европската интеграција на Северна Македонија нема да биде на сметка на употребата на бугарската историја, јазик и идентитет како некаква монета за поткусурување, изјави Радев.