Доколку Унгарија го екстрадира Никола Груевски, тоа ќе биде спротивно на азилантскиот статус што му е даден на поранешниот македонски премиер, вели во интервју за унгарската Хир ТВ, Иштван Ковач, директор во Центарот за фундаментални права.

Случајот со азилот на Груевски и понатаму е топ тема во унгарските медиуми, а во синоќешната емисија „Унгарија во живо“, на Хир ТВ, ударна тема е за поранешниот македонски премиер, кој во експресна постапка од унгарските власти доби политички азил.

„Бегалски статус му се дава некому кој е прогонет заради политички или верски причини во својата земја, кога неговиот живот е во опасност“, рече Ковач, додавајќи дека не може некој да има таков третман ако некој од наведените услови не се исполнети.

Ковач притоа го спомена случајот со каталонскиот лидер Чарлс Пучдемон кој во Шпанија беше обвинет за криминално дело (распишувањето и спроведување референдум), но него не го екстрадираа ниту Белгија, ниту Германија.

Притоа, директорот на Центарот, подвлече дека бегалскиот статус на Груевски му овозможува да има слични права како тие што ги имаат унгарските државјани.

„Може да добие пасош, и да патува слободно низ Шенген зоната“, истакна експертот.

Тој, сепак, посочува дека доколку Груевски замине во друга земја на ЕУ, Македонија би можела да го контактира таму.