Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој допатува во земјава по повод празнувањето на Денот на албанската азбука. Притоа Мета, како што соопшти Владата, изразил благодарност за можноста да се сретне со Заев, како и за поддршката на највисоко државно ниво што Македонија ја посветува на празникот Ден на Албанската азбука, како настан од исклучително значење во историјата на Албанците.

Премиерот Заев на средбата упати честитки по повод празникот и истакна дека одбележувањето на овој значаен ден од историјата на албанската заедница е во целосна согласност со принципите за градење едно општество во мултикултурна Република Македонија.

„Нашата определба да ги јакнеме врските, меѓусебната почит и поддршката на сите етнички заедници во нашата земја, се пренесува како позитивен фактор во заедничка потрага на одговори на сите прашања што се отвораат пред нас. Тоа е заеднички интерес кој не обединува во остварувањето на стратешките цели, како што се нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ, како и нашата силна определба да ги завршиме реформите дома за да им дадеме општество подеднакво достапно на сите граѓани“, нагласил премиерот Заев на средбата со албанскиот претседател Мета.