Откако стана јасно дека Македонија нема да добие датум за почеток на преговорите повторно се актуелизира содржината на Договорот од Преспа и обврските кои произлегуваат од него. Конкретно, тоа се однесува на она што ние треба да исполниме со почетокот на преговорите и отворањето на поглавјата.
Со потпишувањето на Договорот, двете страни се обврзаа со кое темпо ќе тече менувањето на сите документи кои треба да го носат називот со новото официјално име „Република Северна Македонија“.
Овој процес требаше да го следи отворањето на поглавјата за конкретните области. Наместо тоа, во знак на добра волја власта истрча предвреме да ги направи „северни“ сите документи кои се однесуваат исклучиво за внатрешна употреба како што се изводи, дипломи, сведителства.
Ако буквално се чита Договорот од Преспа сите дипломи и сведителства требаше да го добијат новото име со најдоцна пет години по отварањето на поглавјето 26 кое се однесува на образованието.
Ќе добиеме и банкноти со новото име, иако ова поглавје е поврзано со поглавјето 17 кое ја опфаќа економската и монетарната политика.
Досега власта ги смени имињата на 136 интитуции од кои најпознати се македонската филхармонија, ЕЛЕМ, Македонската опера и балет, Македонската телевизија, Националниот стадион, спортските федерации, па дури и катните гаражи.
Што пишува во Договорот од Преспа
Во член 1 точка 10 јасно е наведено дека промената на документите и институциите ќе има два преодни периоди, еден„технички“ и еден „политички“.
Во политичкиот дел, кој се однесува на внатрешната употреба стои документите ќе треба да се менуваат при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија, и ќе биде финализирано во рок од пет
години оттогаш.
Comments are closed for this post.