Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, го прими во проштална средба aмбасадорот на САД во Република Северна Македонија, Џес Бејли.

Изразувајќи задоволството од плодниот ангажман на амбасадорот Бејли во нашата држава, министерот Димитров му врачи благодарница за неговата посветеност и напори вложени во промовирањето на американско-македонското пријателство и блиска соработка.

Министерот Димитров ја нагласи важната улога, поддршка и верба на САД во постигнувањето долгорочна стабилност, демократизација и просперитет на нашата држава. Во оваа насока, ја истакна благодарноста за континуираната поддршка од САД на евро-атлантскиот пат на Република Северна Македонија.

Амбасадорот Бејли го истакна своето задоволство што по четири години заминува од земја која направи историски исчекор и која го добива своето заслужено место во НАТО, и цврсто чекори кон ЕУ. Изрази уверување дека со влезот на Северна Македонија во НАТО, ќе се иполни визијата на САД за мирен, стабилен и попросперитетен регион.