Денеска во Собранието на Република Македонија, пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ заедно со останатите опозициски партии, Алијанса и Алтернатива, како и Левица, поднесовме Предлог – закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, но овој пат, во редовна постапка, ова преку соопштение до јавноста го истакнаа од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
-Сакаме да напоменеме дека пред неколку денови, овој ист Предлог – закон го поднесовме до Собранието во скратена постапка, но владеачкото мнозинство и нејзините пратеници ја одбија потребата од брзо носење на овој Предлог – закон по скратена постапка. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со останатите опозициски пратеници нема да се откажеме од потребата за донесување на ова важно законско решение и токму затоа овој пат апелираме до владеачкото мнозинство и Владата, детално и суштински да го разгледаат овој Предлог – закон и истиот да го прифатат. Имено, со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, бараме формирање на посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието на Република Македонија и ќе треба да допринесе за ставање под контрола на ситуацијата со Ковид-19 која што очигледно од ден на ден се повеќе се влошува. Составот на Комисијата ќе биде на предлог на Владата, а го избира Собранието на Република Македонија. Истата се предвидува да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат, министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист, велат од пратеничката група.
Comments are closed for this post.