Три илјади брзи тестови за ковид-19 пристигнале денеска во Министерството за здравство, кои се дел од  донацијата од 13. 000 брзи тестови, а останатиот дел ќе биде испорачан до среда, соопштија оттаму. Станува збор за најнова технологија, со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот ковид-19.

Овие брзи тестови се бесплатни за граѓаните, а истите ќе бидат распоредени низ 13-те болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, и ќе се користат како би се утврдило дали суспектните пациенти се позитивни на ковид-19. Донацијата ја обезбедија ГД Гранит и Нафтената компанија ‘Галф оил Македонија’“, велат од МЗ.

Освен оваа донација Министерството за здравство, со ребалансот на буџетот ќе добие 40 милиони денари, со кои следниот период ќе бидат набавени близу 100 илјади тестови.

Изминатава недела се зголемија тестирањата во државните лаборатории, а тоа значајно го олесни пристапот кон тестирање. Министерството за здравство го зголеми капацитетот на лабораториите, па така од почетокот на кризата ако имаше по 200 тестирања, сега се стигнува до бројка близу 2.000, со можност во иднина да се зголеми бројот на тестирања“, додаваат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.