Поранешниот претседател Бранко Црвенковски во денешниот говор во МАНУ даде некаков вид преодна оценка за Преспанскиот договор, но го осуди договорт со Бугарија.

-Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати [на НАТО и ЕУ]. За жал испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите  на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ.

Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“, рече Црвенковски.