„Република Северна Македонија има целосна поддршка за успешните евро-атлантски политики и во иднина“ е пораката која поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, му ја испратил на Зоран Заев при нивната средба на Минхенската конференција за безбедност, јавуваат од кабинетот на премиерот.

Бајден нагласил и дека успехот на земјава е успех и на политиките на САД и на Европската Унија, и дека се радува на денот кога ќе биде заокружена ратификацијата на Протоколот и кога земјата ќе стане еднаков по важност партнер со другите сојузници во НАТО.

Премиерот Заев на средбата му се заблагодари на  поранешниот потпретседател на САД Бајден за неговите заложби за успешно разрешување на спорот со Грција и за поддршката на Договорот од Преспа кој го откочи процесот за нашето членство во НАТО, и им даде сигурност на политиките на земјата за аспирациите за поскорешно членство во ЕУ.

Заев во Минхен оствари средба и со адмиралот Џејмс Ставридис и амбасадорот Ричард Бурт

Во соопштението испратено од кабинетот на премиерот стои и дека двајцата соговорници на средбата ги потврдиле идните перспективи за соработка помеѓу двете земји во повеќе области со посебен нагласок на прашањата од заедничките безбедносни политики.