„То вима“, повикувајќи се на „сигурни извори“, пишува дека Атина не е задоволна од предвидените рокови наведени во Преспанскиот договор, па од тие причини ќе бара забрзување и подобро спроведување на Договорот.
Првото барање се однесува на документите, како за домашна, така и за меѓународна употреба. Предвиден е преоден период од 5 години, но Атина смета дека тој процес треба да се забрза, и да се заврши за неколку месеци, со извесна резерва „дека тоа треба да се анализира“.
Второ прашање е поврзано со учебниците. Втората средба на комисијата треба да биде во февруари. Атина, како што објави „То вима“ има три цели. Првата е новите учебници „во Северна Македонија да бидат отпечатени до почетокот на новата учебна година“, значи во септември 2019. Втора цел, е да ја снема „картата на голема Македонија“, (односно картата на етничка Македонија од 19 век н.з.), а трето е бришење на сите симболи на античка Грција и на античка Македонија од релевантните учебници.
За секој случај, пишува весникот, предвидени се и обуки за наставниците со цел да се координираат како и што да исфрлат од предавањата.
Според извори на Пресинг ТВ, во февруари комисиите ќе имаат состанок и тогаш ќе бидат отворени повеќе прашања кои се однесуваат на учебниците. Но, дали целата работа ќе биде завршена за тие да можат да се отпечатат до почетокот на новата учебна година, останува многу неизвесно затоа што тоа ќе зависи и од грчката страна.
И Атина има обврска да го измени текстот на учебниците, па ако двете страни во добар дух го завршат тој процес можно е новите учебници да влезат во образовниот процес со почетокот на новата учебна година.
Но, и тука, според нашиот извор има „но“, затоа што откако комисиите ќе ја завршат својата работа, тогаш тие ќе треба да поминат уште најмалку еден филтер, односно да бидат прифатени и одобрени за печатење. Тоа значи, дека и покрај добрата волја, овој рок е тешко остварлив.
Comments are closed for this post.