Граѓанската организација Фронт 21/42 упати апел до претседателот на државата, Стево Пендаровски лично да се заложи за извршување на меѓународнитe договори кои ги ратификувала земјава и на тој начин да помогне да се заштити природното и културното богатство на Охридскиот регион.
Екологистите, по објавувањето на загрижувачкиот нацрт-извештај на УНЕСКО, со кој се заклучува дека Охрид е подготвен да се најде на листата на светско наследство во опасност, бараат централните и локалните власти конечно да започнат со вистински акции за заштита. Од претседателот бараат итно да му наложи на министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, да донесе наредба за забрана на каква било урбана и крајбрежна трансформација во Охридскиот регион, вклучувајќи и било какви административни или други чекори за реализација на одобрените планови и проекти кои значат урбана и крајбрежна трансформација, како што се, на пример, плановите за урбанизација на селата, новиот кеј, марината, новите хотели во близина на Билјанини извори, туристичкиот комплекс Горица…
Екологистите апелираат Пендаровски да му наложи на Нуредини и итно да ги стави Охридското езеро, Студенчишко блато, Студенчишки канал и Билјанини извори под привремена заштита и да воспостави целосна забрана за улов на пастрмка и белвица, сè додека не се изработи соодветна Студија за валоризација на Охридското езеро и не се усвојат законот и планот за управување со Охридското езеро. Тие сметаат дека брзото усвојување на новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион е најсигурниот начин да се обезбеди законски обврзна и соодветна заштита на сите аспекти на светското наследство.
Во писмото до Пендаровски, од Фронт 21/42 велат дека од јуни 2017 година, кога беше објавен Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО до денес, и централните и локалните власти не само што не ги спроведуваат препораките на мисијата, туку, како што велат, и ја манипулираат домашната и меѓународната јавност, додека паралелно продолжуваат да усвојуваат одлуки со кои се одобрува дополнително уништување на сериозно ранливите вредности на нашето најголемо природно и културно богатство.
Во овој период продолжи легализирањето на дивоградбите во регионот, се усвоија одлуки со кои се потврди реализација на планираните проекти за плажите, нови пристаништа и платформа кај Охридскиот аеродром, имаше обид задкулисно да се измени новиот Закон за управување со Охридскиот регион и да се остави отворена вратата за урбаната мафија и продолжување на неефикасното управување, се изготвија нови планови за урбанизација на селата, мини индустриска зона, туристички комплекс Горица, нови хотели во близина на Билјанини Извори, се одобрија финансиски средства за нов кеј кој влегува во езерото и со серија законски прекршувања се продолжи договорот за шесте сплавови кај Свети Наум, кој флагрантно го крши законот за заштита на природата, велат од Фронт 21/42.
Comments are closed for this post.