Граѓаните и стручната јавност не знаат каков вид референдум распиша Собранието. Тврдам дека бојкотот е единствениот механизам за самоодбрана во оваа кашапопара од референдум која ни ја приготви власта. Согласно Венецијанскиот кодекс, неуспешен референдум е доколку нема цензус, односно, доколку нема цензус нема ни одлука за името, рече Димитар Апасиев на денешната трибина „Договорот меѓу Грција и „втората страна“: Пандорина кутија или излез од лавиринтот“, која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.

Тој вели дека консултативниот референдум кој е распишан мора да биде претходен, а не откако ќе се донесе одлуката како што е во случајот со договорот за името со соседна Грција.

Според временскиот момент има претходен референдум, односно пред да уредите некое прашање, и дополнителен-откако сте го решиле прашањето. Според толкувањето на Законот за референдум, консултативниот референдум мора да биде само претходен за претходно консултирање на граѓаните, вели Апасиев.

Според професорот на универзитетот во Штип, актуелната власт со поставувањето на ЕУ во текстот на прашањето си направила дополнителен проблем кој е поврзан со бројот на граѓани кои ќе гласаат на референдумот и неговата успешност.

– Дополнителна грешка која е направена е тоа што во членот 120 не постои консултативен референдум за сојузување. Тој референдум мора да биде задолжителен. Тие НАТО го третираат под член 121, дека тоа не е сојуз туку е меѓународна организација, а за тоа треба само апсолутно мнозинство во парламент. Но со ставањето ЕУ во прашањето сами си ја искомплицираа ситуацијата, ова по автоматизам го активира членот 120 кој е убиствен за нив во оваа ситуација, рече Апасиев.

Паралелно со ова, како што вели Апасиев, се менува и бројката на гласови за успешност на референдумот односно доколку излезат 50 отсто од граѓаните од избирачкиот список сите мора да гласаат „За“ за референдумот да помине.

Тој тврди дека владата правно потфрлила и во текстот на референдумското прашање бидејќи се поставени 3 прашања на едно ливче што е спротивно на венецијанската конвенција.