Европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, денеска од Тирана предупреди дека е можно враќање на визите за земјите од Западен Балкан, доколку миграцијата порасне за над 50 проценти.

Ние ја следиме ситуацијата за сите земји, а не само за Албанија. Ризикот од илегална миграција треба да се намали. Механизмот за враќање на визите не е ставен во игра, но ако има зголемување на оваа појава со повеќе од 50 отсто и мигрантите одбиваат да се вратат во земјата на потекло, тогаш постои и оваа можност, одговори Аврамопулос, кој во Тирана учествува на министерскиот состанок на Европската унија за Западен Балкан.

Според Аврамопулос, враќање на визниот режим е можен и доколку постои закана по безбедноста од терористички активности.

Во моментов нема проблем, но ја следиме ситуацијата, рече Аврамопулос.

На дводневниот министерски состанок на Европската унија за Западен Балкан е договорена соработка за управувањето со границите, борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Инаку, денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека мигрантската криза сега нема зголемен интензитет, но споредено со 2017 година има зголемување на обиди за илегален влез во Република Македонија.

Карактеристично во последните два месеца е тоа што обиди за илегален влез нема само од Грција кон Македонија, туку и од Србија кон Македонија. Тоа се должи на тоа што Република Србија има безвизен режим и со Иран, и нивни државјани доаѓаат до Србија и пробуваат да влезат на територија на Македонија за дојдат до Грција, рече Спасовски.

Тој додаде дека неделно откриваат по 500 до 600 лица кои се обидуваат да преминат иако постојат и криумчарски групи.