Денешниов текст ќе го започнам со краток осврт на поговорки, синтагми, параболи за одговорноста. Така, на пример, поговорката „со голема моќ доаѓа и голема одговорност“ и изразот „благородништвото обврзува“ (на француски noblesse oblige) значат обврска секој којшто има подобар статус од другите да се однесува морално, одговорно, достоинствено и со почит спрема другите и спрема обврските што произлегуваат од статусот. Во „Илијада“, тројанскиот херој Сарпедон говори дека најпочитуваните кралеви први треба да одат во бој. Во Библијата, во „Параболата на верниот слуга“, читаме: „Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него“ (Лука 12: 48).

Други автори што експлицитно го користат изразот „благородништвото обврзува“ се, на пример, Оноре де Балзак и Вилијам Фокнер. Зборовите „со голема моќ“ и „благородништво“ се однесуваат на сите, па така, луѓето се обврзани одговорно да се однесуваат за другите во зависност од општествените функции што ги имаат: родителите за децата, учителите за учениците, лекарите за болните, владетелите за граѓаните. Меѓутоа, кога станува збор за лица со високи световни и духовни функции, кон веќе споменатите особини за моралност, одговорност и достоинственост треба да се додадат и клучните атрибути за државотворност, суверенитет, автокефалност. Ќе ги илустрирам поговорките за одговорност со два примера од Македонија.

Првиот пример е поврзан со завршувањето на долгогодишниот раскол на Македонската црква и воспоставувањето црковно канонско единство помеѓу Србите и Македонците. Патријархот Порфириј и архиепископот Стефан, иако од многумина критикувани, покажаа државотворно однесување, а нивните мудри зборови ќе бидат врежани во колективната меморија на двата народа. По пораката на патријархот Порфириј: „Светиот Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, ја одобрува и ја прифаќа автокефалноста“, архиепископот Стефан, пред неговата посета на Вселенската патријаршија, порача: „Сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, од невремињата минати, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости, храм во кој ќе продолжи да се напластуваат љубовта и единството со сите православни цркви“. Несомнено, ваквиот однос на двата поглавара ќе влијае врз стабилизирање на односите во православната црква во целина, но ќе придонесе и за продлабочување на односите меѓу Република Србија и Република Македонија.

Вториот пример е Преспанската спогодба. Денес, четири години по нејзиното потпишување, деструктивните последици на Преспанската спогодба врз државотворноста и иднината на Македонија се повеќекратно документирани. Преспанската спогодба не ја гарантира историската врска со Словените и нивното видливо присуство (култура, писменост, говор и др.) од 6 век наваму, што, всушност, означува дека таа го брише, а не го гарантира, македонскиот идентитет. Неодамнешните обиди да се „оправда“ Преспанската спогодба изгледаат бесмислено. Таков пример е тврдењето дека „Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло, никогаш не рекоа ‘не си Македонец’“. Меѓутоа, нема потреба од познавање аналитичка филозофија и/или математичка логика, секој граѓанин може да заклучи дека реченицата „тие не рекоа дека не сме Македонци“, всушност, не значи: „тие рекоа дека сме Македонци“. Така, тврдењето „Грците никогаш не го доведоа во прашање нашето македонско потекло“ е манипулација. Всушност, спротивно на ваквите тврдења, токму Преспанската спогодба го проблематизира нашето потекло, па оттука, таа претставува основен извор на сите апсурдни и небулозни барања и уцени на Бугарија.

Иронично, месноста Преспа ќе биде запаметена како предел каде што започнаа раѓањето и изумирањето, 75 години подоцна, на современа Македонија. Имено, на Преспанското советување, одржано на 2 август 1943 г., во близината на Отешево, на кое главен реферат имаше Кузман Јосифовски-Питу, е отворено прашањето за организирање иницијативен одбор за свикување на АСНОМ. Што се однесува на Преспанската спогодба, потпишана на 18 јуни 2018 г., во селото Нивици, Егејска Македонија, таа, од денешна перспектива, означува почеток на крајот. Не навлегувајќи во геополитичките притисоци и итноста за потребата на некаква спогодба, оставајќи простор за дискусија околу можните геостратегиски придобивки од потпишаната спогодба, текстот на Преспанската спогодба покажува дека голем дел од владејачката, политичката и општествената елита, кои раководеа со клучните институциите на Македонија во 2018 година, се однесуваа неодговорно, неуко, неморално, непромислено, недржавнички. Голем дел од нив, по инерција, но и заради останување на власт, продолжија со таквото однесување. Некои можеби ќе аргументираат дека членството во НАТО е државнички исчекор, околу тоа може да се дебатира, но за фактот дека, според Преспанската спогодба, термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, што, впрочем, е потврдено во ООН, нема потреба од дебата.

Поговорките за одговорно и достоинствено однесување праќаат моќна порака за сите: и за обичните луѓе и за владејачките елити. Ако, пак, за владетелите притисокот на Дамокловиот меч е пресилен, ќе ги потсетам на умните зборовите на германскиот писател, критичар и теоретичар на уметноста Лесинг: „Да станам повеќе од наредник? Не сметам на тоа. Јас сум добар наредник, може лесно да станам лош капетан, а секако уште полош генерал. Од искуство се знае“.

Како понатаму? Грст политичари за грст денари веќе триесетина години ја држат Македонија во заложништво. Различни се патиштата за иднината на Македонија, но сите тие имаат заеднички именител: департизација на општеството. За да ги спречиме разорувањето, уништувањето, исчезнувањето, деградирањето на Македонија, за да не исчезне Македонија во оваа траурна тишина, не молчете!

Не молчете за неукост, за кусогледост, за самоукинување, за немање визија, за властољубие, за користољубие, за неправда, за недржавотворност, за работење против државните интереси.
Не молчете за исчезнувањето на Македонија, за партизирана Македонија, за поробена Македонија, за демакедонизирана Македонија, за предадена Македонија.
Не молчете за поморот на македонскиот род, македонското име, за сè што е македонско.