За поемата „Современи парадоски“, на 17 март 1956 година, на петгодишна робија на Голи Оток е осуден македонскиот поет Венко Марковски. И тој наслов на човекот, кој насилно ќе стане Бугарин благодарение на притисоците на тогашната раководна комунистичка номенклатура, но пред се на репресивниот апарат и правосудниот систем, со што ќе остане еден од синонимите за жртва на тоталитарниот режим во Македонија, еве ни се повторува преку името на Ламбе Алабаковски.

Современ македонски парадокс е што актуелната Влада на владејачките СДСМ и ДУИ, на чело со премиерот намесник Димитар Ковачевски побргу успеа да го пикне Алабаковски во затвор, отколку што откри кој дозволи отворање на културниот клуб на македонските Бугари именуван според името на најголемиот крвник на македонскиот народ „Ванчо Михајлов“’!!!

За потсетување само, клубот беше регистриран во 2019 година, наспроти негативното мислење на надлежното Министерство за правда. И од официјалната негова промоција пред можеби повеќе од еден месец, што од речиси сите структури во земјата беше именувано како провокација, до ден денес официјалните власти не преземаа ништо. Премиерот Ковачевски во стилот на максимата на Черчил-Ако не сакаш да го решиш проблемот, тогаш формирај комисија, мисли дека јавноста ќе му ја заборави оваа невидена глупост.

А, да биде работата уште пострашна, иако сите во државата, па и пилињата на гранка знаеја дека само прашање на ден е кога ќе дојде до инцидент, надлежниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, не презема ништо да не дојде до тоа. На отворањето донесе половина специјални полициски единици, но не постави ниту еден обичен позорникар секојдневно да стои пред портата на клубот. Ова значи дека или имал погрешна безбедносна проценка или пак дека свесно очекувал да дојде до инцидент?

И тој ист министер за внатрешни работи Оливер Спасовски се натопори вчера да ни држи предавања дека, парафразирано, уште еднаш покажале дека единствената моќ, што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица-сите се еднакви пред лицето на Законот, а секој, кој што се огрешил-мора да одговара!

До  некаде има право. Ама, само до некаде. Зашто, Спасовски не го сузби криминалот при регистрацијата на клубот „Ванчо Михајлов“! Не, тоа, заедно со својот премиер и целата Влада го сведоа на пропуст во Законот.

Како истиот Спасовски не се натопори да каже дека сите се еднакви пред законот кога заменик-началник во БЈБ пред очи на стотици сведоци ослободи лице, кое пукало врз полицајци. Ова само како меѓу најсвежите примери. Да ги споменеме ли најголемите светски криминалци на кои истиот Спасовски им издаде македонски пасоши?

Друг дел од приказната е правосудниот систем. Битолското обвинителство експресно му одреди мерка осумдневен притвор, заради поседувањето двојно државјанство, македонско и на САД, заради предизвикување општа објасност по чл.288 став 1 од Кривичниот законик. Значи, битолското обвинителство смета дека е грев да се има државјанство на САД, дека во САД може да се пребегне туку така и оти САД се некаква банана држава од каде не може да се екстрадираат македонски државјани! Супер оценка за нашиот најголем и најважен стратешки партнер.

Уште едно потсетување. Здравко Савески и Владимир Куновски, поранешни членови на Левица, за учеството на протестите на т.н.„Шарена револуција“ на 12 април 2016 година и палењето на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов во центарот на Скопје беа осудени на условна казна од шест месеци. Но, делото за кое одговараа беше учество толпа. И тој пожар, замислете не можел да предизвика општа опасност! Општа опасност можел да предизвика само ова палење на клубот во Битола! Цела среќа е што Алабаковски бил сам и не предводел некоја толпа.

Да имаше малку здрав разум, Оливер Спасовски вчера, наместо да инсистира на притвор за Алабаковски, ќе беше свесен дека со својот статус сите не враќа 80 години наназад, во времето на Втората светска војна. А, тој самиот ја презема улогата на тогашниот бугарски министер за внатрешни работи и поранешен лидер на Ратник, Петар Габровски, кој го предложил Законот за заштита на нацијата. Сега треба уште да ни предложи нов таков закон за заштита, повторно на бугарската нација или поконкретно за заштита на македонските Бугари. Па врз таа основа, наместо македонските Евреи да страдаат Македонците по род, а Алабаковски да добие епитет на обичен „шумкар“! Зашто, нели, македонските партизани за бугарски фашисти биле „шумкари“.

На 9 мај, на Денот на Европа и на Денот на победата над фашизмот, премиерот Димитар Ковачевски, меѓу другото, ни порача дека македонската државност се темели врз антифашизмот.

И сега нашиот нов современ македонски парадокс ни кажува дека државата, која се темели врз антифашизмот, ќе репресира човек, кој станал против името на фашистот Ванчо Михајлов!

За да нема дилеми, насилството како метод за остварување на било каква цел, не може и не смее да се оправда. Но, може да се разбере. Како што може да се разбере и гневот на Алабаковски со полевањето со бензин и палењето на клубот, кој го носи името на најголемиот крвник на македонскиот народ, гневот од постојаната негација на македонскиот народ, од неговото понижување, од негаторскиот однос на самата власт во сопствената држава. Како таа тргнала да им се вовлекува на Бугарите, кај и да е, нејзините претставници ќе станат поголеми Бугари од самите Бугари!

Е, затоа Ламбе Алабаковски во јавноста се доживува не како диазепамиран Македонец, туку како МАКЕДОНЧИШТЕ! Нему очигледно не му треба диезапам. Му треба чест, гордост и достоинство и ништо друго.

Владата подготвува законски измени за регистрација на здруженија и фондации

Владата ги презеде сите активности и се информираше за начинот на кој е регистриран клубот ,,Ванчо Михајлов“. Здружението е регистрирано во Централен регистар-Битола врз основа на  поднесена пријава и соодветни прилози кон пријавата за упис. Подносител е лицето Љупчо Ѓоргиевски. По разгледување на пријавата Централниот регистар оценил дека се исполнети условите за упис согласно Законот за здруженија и фондации и Законот за едношалтерски систем, при што на 15.03.2019 година донел Решение за упис на основање на Здружението во Регистарот за здруженија и фондации.

Согласно член 49 од Законот за трговски друштва, во фирмата може да се внесе име и презиме на историска личност или друга позната личност само со согласност на личноста или ако е почината со согласност на нејзините сродници до трет степен во прва линија, а доколку такви не постојат согласност дава Министерството за правда.

Централниот регистар информираше дека кон пријавата за упис била доставена Изјава заверена на нотар од лицето Љупчо Ѓоргиевски со која под морална, материјална и кривична одговорност тврди дека лицето Ванчо Михајлов нема законски наследници до трет ред во права линија. Во отсуство на издадено Решение за Согласност од страна на Министерството за правда кон Пријавата е доставено Известување од Министерството за правда дека не е во можност да издаде одобрение од причина што во Министерството не се води регистар на историски личности.

Во моментов се работи за подготовка на предлог- Закон за измени на Законот за здруженија и фондации. Работна група се состана на неколку наврати. Се прават анализи и се очекува во најскоро време да биде подготвена драфт верзијата. Во овој момент работната група нема заземено став по однос на воведувањето регистар на историски личности.