Втор ден се одвиваат консултации во Министерството за правда на таканаречената работна група формирана да одлучи како да се постапи по наредбата на Катица Јанева предметите од СЈО да се префрлат во надлежност на ЈО.

Академик Владо Камбовски тврди дека опцијата државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе предметите не е спорна, оти тоа го бара шефицата на СЈО. Тој смета дека многу е важно да се донесе владиниот Предлог-законот за јавно обвинителство, оти според него, со тоа се унапредува Јавното обвинителство.

СЈО ја одигра својата улога во еден транзициски период и отвори смело многу предмети – сега со реформите во правосудниот систем, Обвинителството се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуција“, рече академик Владо Камбовски кој учествува на консултациите во Министерството за правда.

Камбовски додава дека и кога се формираше Специјалното јавно обвинителство, имаше временски рок до кога законски може да функционира.

Мандатот на СЈО можеше да се продолжи доколку наследникот на Јанева се избереше три месеци пред истекот на нејзиниот мандат. Но, тоа не се направи затоа што се планираше токму Јанева да го продолжи мандатот. Кога тоа не се случи, а Јанева е приведена, со истекот на нејзиниот мандат на 15 септември, ќе се попречи работата на СЈО, затоа што според Законот за СЈО, само таа може да делегира и одзема овластувања на обвинителите во СЈО“, објаснува Камбовски.

Тој го поддржува решението со кое предметите на СЈО треба да преминат во Јавното обвинителство и вели дека за тоа има законска основа.

Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО“, рече Камбовски.