Академиците Катица Ќулафкова, Зузана Тополињска, Витомир Митевски, Ѓорги Поп-Атанасов и дописниот член, Марјан Марковиќ, како членови на Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ, денеска преку соопштение му дадоа недвосмислена поддршка на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со новиот реформски концепт на Министерството за образование и наука на наставната програма по предметот „историја“.
Во соопштението се вели:
-Имајќи го во предвид местото и улогата на предметот историја во воспитно-образовниот процес на младите генерации во европски и меѓународни рамки,
-Имајќи ја предвид важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија,
-Потсетувајќи дека историските процеси се законити, па токму затоа треба да бидат предмет на систематско научно проучување и да претставуваат посебно наставно подрачје на образовниот процес од најрана возраст,
-Истајнувајќи дека познавањето на историското минато е услов за спознавање на современата стварност и за одредување на стратегиите на развој на секоја нација и држава, но и на одделните индивидуи,
-Свесни дека е неопходна примена на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини
-Свесни за чувствителноста на тајмингот во кој што се носи концепт, кој би можел да го деградира местото на предметот историја и на самата историска наука и да ја доведе во прашање автономноста на историската наука и на образовниот процес,
-Ние, членовите на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ искажуваме јавно поддршка на стручниот, компетентен и критички став на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со новиот реформски концепт на Министерството за образование и наука на наставната програма по предметот „историја“ во државата Македонија и се залагаме за транспарентен, стручен и одговорен однос кон историската проблематика и нејзиниот третман во сите степени на образовниот процес на нашата држава.
Comments are closed for this post.