Младата русинка Валерија Кленова е одушевена од долината со кактуси кај Демир Капија. Таа веќе неколку години со семејството живее крај Демиркаписката клисура. Потекнува од алпинистичко семејство, а нејзиниот сопруг Александар е меѓународно познат алпинист, па решиле со своите две дечиња да го продолжат животот, како што вели, крај каменото царство кое гордо се издига над реката Вардар.

Кактусите можат да се видат во селото Клисура, кое се наоѓа на 7 километри од Демир Kапија. На почетокот ќе ве пречекаат сенките на илјадагодишните јавори, под кои можете да се напиете ладна изворска вода која истекува од повеќето извори.

-Ова е место, каде не треба да носиш заштитна маска, во услови на пандемија од коронавирус. Никаква. Но вистински уживаш во моментот, во природата, коjа е многу постабилна и подобра и од луѓето и од времето. Сакам да шетам по старото иселено село Клисура. Тука е диво, дива природа, нема луге. Но, според мене, овде ја има една од наjуникатните цркви во земјава, „Свети Никола“, има навистина мистично место, манастирот „Свети Талалеj“, како едно од ретките места во државата, каде на отворено растат кактуси, рече Кленова за МИА.

Како што вели, не е ни важно како овие кактуси започнале да живеат овде, дали ги донела човечка рака или можеби птици.

-Површината и не е толку голема, но глетката е прекрасна и невообичаена, особено кога кактусите цветаат како сега. Кактусите навистина ги персонифицираат селото Клисура и неговата историjа. Боцките раскажуваат за тешките моменти во минатиот живот, а цветовите, за неговата уникатност и магиjа. Под големи карпи, далеку од цивилизациjа, тоне во зелени шуми старото село Клисура, чиjа тишина ја сечат само ветерот и ретки гласови на jагниња, нагласи Кленова.