Еден од четири здравствени центри во светот нема пристап до чиста вода, со што околу 1,8 милијарди луѓе се изложени на зголемен ризик од зараза со коронавирус, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Недостатокот на оваа основна потреба претставува закана за пациентите и вработените во таквите центри, соопшти СЗО во заедничкиот извештај со УНИЦЕФ.

Анкетата е базирана на податоци од 165 земји.

Работата во здравствена установа без вода, санитација и хигиена е еднаква на испраќање на медицински сестри и лекари на работа без опрема за лична заштита во одделенијата за Ковид, рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус.

Според СЗО, додека здравствените работници сочинуваат помалку од три проценти од светската популација, тие во моментов се 14 проценти од заразените со коронавирус.

Испраќањето на здравствени работници и луѓе кои имаат потреба од лекување во установи без пристап до чиста вода, безбедни тоалети или дури и сапун ги става во опасност нивните животи, рече директорката на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

Извештајот открива дека секоја трета здравствена установа во светот не може да го гарантира потребното високо ниво за хигиена на рацете.