Нема културен објект во светски рамки кој лани не претрпел штета поради пандемијата. Сепак, во 2021 одговорните најавуваат отворање на нови музеи и тоа во Берлин, Париз, Осло, Каиро…

Уште во мај минатата година познатиот археолог и египтолог Захи Хавас рече дека кралот Тутанкамон ќе биде херој во Големиот египетски музеј, што е предвидено да биде отворен во 2021 година. Ова, како што посочи, ќе се случи во пресрет на 2022 година, кога целиот свет ќе ја прослави стогодишнината од откривањето на гробот на Тутанкамон.

Инаку, годината што ќе ја паметиме по коронавирусот и голем број откажани настани и затворени музеи, се надеваме дека е конечно зад нас, но и дека во новата година нè очекува отворањето на нови музеи и поставки со нови музејски експонати.

Како што е најавено, приватниот музеј на современа уметност на François Pinault во Париз ќе биде достапен за јавноста веќе на 23 јануари 2021 година, како и Bourse de Commerce – Pinault колекцијата. Музејот е сместен во поранешна берзанска зграда, лоцирана помеѓу Лувр и центарот Помпиду. Станува збор за зграда со кружен облик со купола, адаптирана и редизајнирана за музејски цели на познатиот јапонски архитект Тадао Андо.

Колекцијата на Pinault содржи повеќе од 5.000 уметнички дела создадени во 20 и 21 век, кои редовно се позајмуваат за изложби низ целиот свет. Деталите за оваа музејска поставка сè уште се чуваат во тајност.

Форумот Хумболт во Берлин, во реновираната Берлинска палата, пак, ќе ги отвори вратите на пролет 2021 година. Музејот неодамна имаше дигитално отворање, преку директен пренос, а во пресрет на настанот беше критикуван за бронзените скулптури од Бенин во неговите фондови, со што повторно се отворија прашањата за деколонизација на музејот и иднината на етнографските (неевропски) збирки“, пренесува jutarnji.hr.

Новата музејска зграда Munchmuseet во Осло, во која ќе биде сместена колекцијата на најпознатиот норвешки сликар Едвард Мунк, исто така треба да биде отворена во пролетта 2021 година. Станува збор за музеј на тринаесет ката, изграден во градскиот округ Бјервика, во близина на Операта, со 11 галерии и повеќе од 26 илјади квадратни метри наменети за музејски и други културни објекти. Архитект на новата зграда на музејот е Шпанецот Хуан Херерос.

Големиот египетски музеј во Гиза исто така ќе биде отворен годинава.

Нивниот најголем музејски експонат, скулптура висока 11 метри и тешка 83 тони на Рамзес Втори од црвен гранит, се наоѓа во атриумот. Отворањето на музејот требаше да се случи на пролет, но беше одложено и музејот треба да биде отворен до летото 2021.

По шестгодишна пауза поради реновирање, Neue Nationalgalerie, познато дело на архитектот Мис ван дер Рое, треба повторно да се отвори во летото 2021 година. Според најавите, по повод отворањето ќе биде поставена изложба на скулпторот Александер Калдер.

Во 2021 ќе се отвори и Музејот на Американската академија за филмска уметност и наука во Лос Анџелес. Според бројчаникот на нивната веб-страница, дотогаш ќе поминат уште точно 276 дена, а музејот треба да се отвори на 30 септември 2021 година. Колекцијата се состои од предмети поврзани со филмот и филмската технологија, како и материјал на хартија, филмски фотографии и плочи, а е изградена според дизајн на архитектот Ренцо Пијано.

Музејот се состои од шест ката со изложбени простории, простори за едукација и специјални настани, како и студио за конзервација и кафуле, како и музејска продавница. Музејот исто така ќе има две сали за проекција, со 1000 и 288 места, во кои ќе се одржуваат филмски програми, панели и конгреси во текот на годината. Во септември, музејот објави дека првата привремена изложба ќе биде посветена на јапонскиот аниматор Хајау Мијазаки.