Многу малку работи се вистинити за сите луѓе. Во ова се увериле учениците од Меѓународното училиште „Нова“ од Скопје кои одговор на нивната дилема побарале од канадскиот премиер Џастин Трудо.

Учениците го истражувале прашањето за едно од најголемите пронаоѓалишта на нафта во светот во провинцијата Алберта, поле со нафтен песок, кое е меѓу најголемите извори на емисии на стакленички гасови. Во истражувањето на аргументите, за и против експлоатацијата на овие нафтени резерви, одлучиле писмо да му испратат меѓу другите и на канадскиот премиер.

„Тоа што е вистина за еколозите може дa биде многу различно видено од страна на нафтените компании а за решавање на проблемите потребно е да ги разбереме различните ставови и гледиша, вели професорот Роберт ван дер Ајкен, ментор на учениците.

Професорот појаснува дека во писмото до премиерот на Канада, учениците објасниле дека знаат за користа и штетата од експлотацијата на нафтата, за потоа да му постават директни прашања за тоа како владата на Канада ќе го намали негативното влијание од нафтата и катранскиот песок.

„Напиша убаво писмо кое го потпиша, напоменувајќи дека некогаш и тој бил наставник. Сите бевме среќни што го добивме неговиот одговор во кој генерално зборува за начините на кои Канада се обидува да одговори на нивната грижа за животната средина, нашата околина, бидејќи ја делиме истата мала планета“, открива ван дер Ајкен.

Професорот не крие дека се надевал на одговор од премиерот Трудо, бидејќи и тој самиот некогаш бил наставник. Дополнително, додава тој, испратил пропратно писмо во кое споменал колку е важно за денешната младина да се слушне нејзиниот глас, дека лидерите во светот ја разбираат загриженоста за планетата, нејзината иднина, мир.

„Учениците не се ноеви со главата во песок. Тие се поприлично софистицирани и мудри за нивните години. Цело време пристапуваат и споделуваат тоа што го виделе на вести или интернет а има врска со предметот на истражување за време на друштвените студии. Ме учат додека јас ги учам“, потенцира професорот Роберт ван дер Ајкен.