Кога има повеќе прашања, а помалку одговори од прозваната МВР или Министерството за правда, Министерството за здравство, за култура…тогаш општеството ќе се загуби во една магла наречена фама или држава во која нема владеење на законите. И тогаш сите, ама баш сите, се чувствуваме несигурни.
Имало и претходно вакви состојби на неподносливост, но сега тенџерето сериозно покажува знаци на кипење.
Во краток период на Македонија и се случија две тешки сообраќајни несреќи – едната во Србија, другата кај Ласкарци. Со многу жртви. Со трајно повредени. Никој не презеде одговорност, пред се мислиме на министерот Сугаревски, зашто во политиката постои нешто што се нарекува морална одговорност. Истрагата бавно се одвива, а партиските ботови си ја одработуваат својата улога.
Дознаваме и за спреги во бизнисот со технички преглед на возила, оти таа сфера очигледно некој во некои средини ја претворил во гол бизнис. Сурово. Акцијата на МВР е пренасочена на Партизанска, каде ќе се контролираат автобуси. Сега недостасува Дурмо турс да се обои во етничка приказна оти кај нас се има врска со етничките фрустрации.
Како и во Министерството за култура. На дополнителен преглед ќе одат тие што биле одбиени на Конкурсот, а не тие што добиле. Значи, нема да се мерат сите критериуми повторно. Можеби ја загубивме и мерката за вредност на патот на транзицијата?!
Повеќе прашања од одговори од МВР и за исчезнатите лица. Деновиве сме преплавени од реакции. Исчезнаа повеќе млади лица, а некои беа пронајде, за жал, починати. Тешко е да се избегне сензационализмот во ова ново време кога на социјалните мрежи можеш да најдеш се и сешто, но кога ќе го поставиме проблемот како еден социолошки или општествен феномен што, добивме како одговор од МВР? Дека 94 проценти од исчезнатите случаи се решени. Ние бараме одговор и на тие 6 проценти нерешени. Зошто ни се случува ова? Првиот одговор го бараме од МВР, а потоа следуваат и другите надлежни. Од етичка природа не навлегуваме во детаљи за причината за самоубиствата, ако се самоубиства во прашање, но како општество мораме да ги бараме причините. И тука нема никаков сензационлаизам. Секако дека се грижиме за состојбата на семејствата, но сакаме да ја видиме и големата слика на земјава. Имаме право да знаеме. Дали се апчиња во прашање, дали е некоја нова дрога, дали се убиства, дали депресијата го зема данокот?
Живееме во страв!
Ниту во затворите не можат да им го гарантираат правото на живот. Некој се сетил обвинети да измеша со осудени лица. Како се случило осуденици за тероризам да бидат на исто место во исто време со обвинетите Јанакиески и Ристевски во Истражниот затвор во Шутка? И замислете овој „шутка систем“ да почне да се применува секаде? Замислете овој модел да се примени и во Зоолошката градина?
Пората која секојдневно ја добиваме е дека живемее во држава во која системот се разорува до опасни граници.
И затоа страв. Обичните, семејни луѓе се плашат.
Comments are closed for this post.