Политиката е неразделно поврзана со феномените на конфликт и соработка, т.е. политиката е најдобрата и најголемата умешност помеѓу тоталната љубов и тоталната војна, не дај Боже. Од една страна, постоењето на различни интереси што се конкурираат во општеството потикнуваат несогласувања околу правилата според кои луѓето живеат. А од друга страна, луѓето се свесни дека доколку сакаат да влијаат врз правилата и доколку сакаат да бидат сигурни дека истите се поддржани, во тој случај тие мора да соработуваат со другите.

Шестите претседателски избори се распишани, опозицијата веќе го избра својот кандидат, а власта се уште е во потрага по кандидат. И власта и опозицијата претходно објавија партиски огласи за избор на свој претседателски кандидат. Тоа е за поздрав и претставува позитивен чекор кон демократизација во изборот на кандидати за претседателската трка кај нас. Но, нашето општество пред се е поделено општество. Таа поделеност најпрво е по линија на етнички признак, а дури потоа на идеолошки. Така во овој четврт век на независност се создадоа двата политички блока – македонски и албански на домашната политичка сцена. Нашето општество полека созреваше скоро одејќи и до двете крајности на конфликт и соработка. Но сепак политичките лидери научија дека политиката е неизбежна и дека таа е најдобрата и најголемата умешност. А тие малку и претераа во таа умешност. До толку претераа што секој партиски лидер се поставува и однесува како апсолутен партиски поглавар, а политичките партии прераснаа во т.н. султан – партии.

Политичките партии претставуваат виталната врска меѓу државата и граѓаните. И тие пред се треба да го претставуваат интересот на граѓаните што ги поддржуваат. Опозицијата успешно го избра својот кандидат за којшто мнозинството партиски делегати го дадоа својот глас. Партијата на власт исто така објави оглас за свој претседателски кандидат, кадешто се пријави еден кандидат, огласот заврши, а партиското раководство се уште е во потрага по кандидат. Опозицијата изборот на својот претседателски кандидат го направи на демократски начин. А власта сеуште води преговори со партиските поглавари од албанскиот политички блок. Од двата начини на кој власта и опозицијата го прават изборот на кандидат за претседателската функција, видовме дека опозицијата тоа го направи на демократски начин, а власта тоа го прави на начин каде партиските главатари седнуваат на маса како во кафеана и се договараат за претседателскиот кандидат. И тоа го прават прикриено со оправдување дека е во интерес на сите граѓани, а правејќи го на тој начин не оставаат простор за избор на претседателски кандидат што реално ја има поддршката од партиското членство и граѓаните.

Сметам дека опозицискиот претседателски кандидат е освежување на домашната политичка сцена и со нејзиниот избор за претседателски кандидат веќе се руши тој стереотип кај нас дека политиката е машка работа. А начинот на избор, колку и да сметаат дел од политичките аналитичари дека е притисок од меѓународната јавност, тоа сепак е позитивен исчекор кон демократско созревање на опозицијата. А пак власта со стандартните практики на кроење на политики на маса во кафеана со сигурност се оддалечува од својот електорат. Веќе е време политичките партии да го напуштат тој стил на кафанска политика од минатото ако сакаме да зачекориме кон подемократско општество.