Каква недела поминавме, закукулена, замумулена, уште мечки што не ни излегоа пред нас! Започна со пораките на нашите добри соседи од Истокот! Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов ни порача, нам Македонците, да се освестиме и да станеме добри Бугари, заради непречено зачленување во ЕУ! Додека пак, бугарскот европратеникот Андреј Ковачев, нè просветли дека македонскиот јазик е западнобугарски дијалект! Ех, славистико, оф науко!
Но, затоа веднаш побрза да нè смири нашиот истакнат професор Владо Поповски порачувајќи ни, дека не треба да се нервираме со изјавите на наште источни и добри соседи! Навистина ни олесна, бидејќи тоа е совет на докажан кадар во повеќето системи, партии и власти, некогашен министер, прв разузнавач, советник на претседателот на РМ при донесувањето на Охридскиот рамковен договор и негово преточување во уставните амандмани (ноември 2001 г.). Тој и сега е „јунак на нашето време“ убедувајќи нè дека договорот од Преспа е „оптимално решение“ и оти е илузија ако некој каже дека би склучил подобар од истиот.
Во тоа се уверивме, минатата среда, кога Уставниот суд на РМ на својата 31 седница ја отфрли иницијативата за поништување на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, заради примена на Спогодбата Димитров – Коѕиас за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, донесена од Собранието на седницата одржана на 19 октомври 2018 година.
Судот кој треба ја штити уставноста и законитоста се прогласи за ненадлежен по иницијативита! Расправата покажа дека уставните судии се контрадикторни и недоследни, не ја штитат уставноста и законитоста, туку власта и нејзиното велепредавството против нацијата и државата. На овој начин Уставниот суд го легитимира правото на Собранието да го промени името на државата и идентитетот на нацијата што е спротивно со резултатите од референдумот одржан на 30 септември 2018 г., кога не е усвоена одлуката за членство во Европската Унија и НАТО Алијансата, при што не е усвоен и Договорот Димитров-Коѕиас и е спротивно со задолжителниот референдум одржан на 8 септември 1991 година кога две третини од вкупниот број запишани избирачи гласаа „За суверена и самостојна држава Македонија“.
Уставните судии легитимираат меѓународен договор кој не е ратификуван во согласност со Уставот и не е дел од уставниот систем на Македонија, дури и ништовен по Виенската конвенција за договорно право (1967). Од друга страна, ова ја открива простата вистина дека ни Уставниот суд, ни Собранието не се надлежени за менување на ИМЕТО! НИКОЈ НЕ Е НАДЛЕЖЕН! Одредени, познавачи на уставната материја, сметаат, ако Собранието продолжи со нелегалните и упорни активности на туркање на уставните измени спротивно на волјата на 2/3 мнозинство граѓани на РМ, преку инсценација на актуелниот политички процес на злоупотреба на правото и изигрување на законите, тогаш, би се релативизирала уставната релација помеѓу граѓаните и парламентот и таа би се деконституционализирала.
Би добиле Устав кој престанал да биде вистински израз на народната волја и станал само практична илузија! За да биде уште позакукулено и замумулено, заради актуелниот состав на пратеници со сомнителен интегритет и совест (дел обвинети за тероризам и др.) владеачката структура во настојувањето да му даде легитимност на прифаќањето уставни промени во Собранието, прибегнува и кон метафизика.
Ете во измината недела, телото за помирување во Собранието по неколкунеделно усогласување го изготви предлог-текстот за селективна амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април минатата година, при што нема да се бара амнестија за „организаторите и насилниците“. Супер надприродно, нема што! Така, Арнаудов, Василевски и Мукоски ќе бидат амнестирани и ќе можат гордо и смело да гласаат за промена на ИМЕТО! Рака на срце, овие и родена мајка би продале, а не името на државата. Дотолку повеќе, што за „патриотот“ Мукоски има и амнестија, но и тендери за семејната фирма, за одржување на зградите што ги гради државата за двојни повискои цени од пазарните! Ех, што ти е к’смет! Во оваа наша реалност, колку повеќе си чесен, трудољубив и образован, толку повеќе си сиромашен и безвреден!
За да биде потполна оваа наша бесмислица, тука е и „Амандманот за заштита на дијаспората“, наспроти грижата и заштитата на Македонците во соседните земји, со што се врши груба мистификација, за љубов на грчката страна. Со ова се потврдува идејата дека сме измислена нација и како таква на Балканот единствена која нема малцинства кај соседите. Со овој чин се менува и нашата повест, односно нема да може историски да се повикаме дека има македонски народ насекаде низ регионот Македонија, како резултат на историските прилики.
На крајот, нашата авангардна Влада е толку посветена на народот, што во саботата ѝ нареди на полицијата брутално да го спречи движењето „#Бојкотирам уставни промени“ да го постави „Кампус Македонија“ пред Владата и да протестира! Дали сето ова лудило да се избрише цел еден НАРОД, целата негова ИСТОРИЈА и КУЛТУРА, не ли е всушност снимање на некаков РЕАЛИТИ ШОУ, во кој учествуваме, без да знаеме!? Нема ништо скриено, нели!
Comments are closed for this post.