Во текот на оваа седмица беше најавен нов владин веб портал за отворени податоци и за поголема транспарентност и отчетност на владините институции кон граѓаните. Тоа е коректна мерка и е во контекст со политики за градење на информатичко општество. На слична тема деновиве беше и усвоената резолуција на пленарната седница на Европскиот парламент за потребата од побрза адаптација на образовниот систем во дигиталната ера.

Отворените податоци во светот се повеќе се користат како ресурс за креирање на нови апликации и услуги преку комбинирање на различните отворени бази на податоци. И тоа е само еден од многуте трендови кон развојот на информатичко општество. Тука ќе ја посочам Естонија како еден одличен пример, дури и за многу поразвиени држави кога е во прашање воведување и градење на информатичко опшетство. Сличноста на Естонија со Македонија е тоа што и двете држави имаат комунистичко минато и малку народ. Но, разликите се дека политичкото лидерство во Естонија цврсто одлучило да ја искорени корупцијата и да го промени застареното образование. И така, после 20 години Естонија претставува успешен пример и лидер во поглед на воведување на информатичкото општество.

Но, ајде да се вратиме кај нас. Отворените податоци како концепт сега не се воведуваат за прв пат. Тоа беше направено претходно уште пред оваа власт. Но ете, сега се најавува како нешто ново. Тука има една добра мисла што вели, додека врвиме на патот под сенките, да не заборавиме дека некој друг пред нас ги посадил дрвјата за да ни прават сенка. И така, кај нас се прават ефтини популистички решенија и секогаш се почнува одново. Секоја нова власт се труди да ја рестартира државата и да почне од нула. Па, и од тука почнува проблемот кај нас. Не се остава простор за добрите работи од претходниците да се доразвијат, да се подобрат, туку секогаш се се започнува од нула.

Само малку да се потсетиме дали власта е навистина така отчетна и транспарентна? Да илустрираме по некој пример. Договорот за промена на името беше креиран не толку транспарентно, а моментално законот за амнестија исто така се крчка не толку транспарентно, и така е со повеќе работи. А во меѓувреме, се повеќе сме заслепени и контаминирани со лоши вести, медиумско шоу за судски процеси, за странствувањето на поранешниот премиер. Ова последното се претвори во сериски филм со неколку продолженија.

Ние како мала држава би можеле да го следиме примерот на Естонија, која што се претвори во лидер во однос на градење на информатичкото општество. И ајде веќе еднаш да креираме позитивна енергија и да создадеме услови, барем за оние од нас што сакаат тука во нашата држава да живеат, да ствараат, да создаваат фамилија и дом, како и услови за следните генерации. Познато е дека наши трудољубиви сограѓани штом одат во странство, успеваат, се докажуваат во својата професија. Тоа постојано го слушаме. А додека тука кај нас, тие истите трудољубиви сограѓани, тука претходно едвај пркнале и не им била дадена шанса да се докажат. И токму заради тоа што немале услови и можности да се докажат, или најчесто заради тоа што други им ставале пречки пред успехот, само и само да се одржат на позиција или заради својата неспособност, или едноставно од злоба и завидлак. И ајде веќе еднаш да започнеме да ја подобруваме, ама вистински, оваа држава, бидејќи доста ни е од лидери што притискаат само на рестарт.