Прашање е дали чашата ќе ја гледаме полупразна или полуполна!

Ова беше главната мантра на премиерот Зоран Заев пред потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија. Демек, дали на Договорот и на светлата ни евроатлантска иднина ќе гледаме исполнети со оптимизам или со песимизам. Во суштина, сите оние кои укажуваа на претпазливост, зашто спогодбата има стапици и во основа е целосно асиметричен, беа прогласувани за антинато – антиевропски елементи во државата, кои му мислат, пазете, лошо на сопствениот народ! Но, во тој дневнополитички занес гореше и суво и сурово само за да се задоволат амбициите или, подобро речено, ветувањата на премиерот.

Од тогаш поминаа речиси четири години и по последната турнеја на владиниот врв во Брисел конечно стана јасно дека во чашата, всушност, немало ни вода! Не испарила, туку воопшто не била ни сипана. Сипана била само за премиерот и неговите медиумски и останати гавази, за да ни наметне перцепција дека работите се идеални, дека тие немаат врска со македонскиот идентитет, со македонската историја и колективна меморија… Зашто тие, нели, се забетонирани.

Верувам се сеќавате и на оној предлог за името на државата Република Илинденска Македонија. Сега, од оваа временска дистанца, можете само да замислите, што ќе значеше и што се ќе донесеше неговото прифаќање. А, да биде иронијата поголема, премиерот дури и се чаталеше до невидени граници. Се чаталеше со предлог, чие прифаќање, според бугарското гледање на работите и читање на Договорот, ќе значеше директно создавање на втора бугарска држава. Ама тоа до политичари без идеја и визија од типот на Заев не допираше. Ниту, пак, биле донесени на власт за такво нешто.

Напротив, биле донесени за да исполнуваат агенди. А чии, они многу добро си знаат. Само сигурно не на Македонците и на Македонија.

Сега, по цели четири години, Заев ни вели дека Бугарите ги признавале Македонците и македонскиот јазик, ама барале да ги утврдиме корените. Замислете ги Заев и Бојко Борисов во улога на Алекс Хејли или на Боб Марли. Хејли, нели, тргнал да ги бара корените на ропството и на неговиот предок Кајроба Кунта Кинте. А, Боб Марли, пак, во песната „Бафало војник“ пееше „…Ако ја знаеш својата историја, тогаш ти ќе знаеш од каде доаѓаш, и ќе мора мене да ме прашуваш, за тоа кој по ѓаволите мислам дека сум јас…“. Ами, ако Бугарите бараат да се самозапалиме сите до еден, зарем ќе треба и тоа да го сториме во името на Зоран Заев и ЕУ!? Таман за кунтакинте Македонци и кунтакинте држава Македонија.

И одеднаш во Брисел, Зоран Заев станува голем Македонец! Веќе поголем не може да биде! Патриот човеко! Да знаат и ЕУ и Бугарија дека нема преговори за македонскиот идентитет и јазик! Ајде мајката, што би рекол самиот!

А, каде беше до сега? Кокетираше со европската политика за морковот и стапот. Само што морковот остана за друг, а за него-стапот! И се фуќка на Европската унија, што Заев не сакал да преговара за идентитетот и јазикот. Неа и е важно да се стигне до политички консензус, а тоа може да се постигне само со договор меѓу Македонија и Бугарија. Сега Заев биди маж и соочи се со тоа што си го потпишал, па спакувано во мал милион обланди продади му го на обичниот Македонец тоа дека неговите претци не биле тоа што мислеле дека се, туку биле Бугари според свеста и идентитетот, ама тоа не го знаеле. И уште дека Бугарите во Втората светска војна дошле тука како административци и ослободители, а не како окупатори, иако тоа што навистина биле го потврдуваат меѓународни договори и документи. Нешто слично како што направи во интервјуто за Канал 77, кое, нели, требаше да работи за да се одоброволи Бугарија и бугарската домашна политичка сцена. Што ќе рече, одново почни да го лажеш сопствениот народ!

Во меѓувреме, гоштевај го дома Седат Пекер. Со струмички специјалитети, со домашни кобасици и имам бајалди. Пекер прсти си лижел. А, муабетот ќе ви легне. По се изгледа, имате многу работи да споделувате.

Патем, можете да размените и некој збор околу менувањето на вордингот од бугарска страна. Особено околу можните идни нови рамковни вработувања, само сега не на етнички Албанци, туку на македонските Бугари, кои нели треба со закон и Устав да бидат заштитени како бели мечки. Зашто, според Екатерина Захариева, со години не можеле да се вработат. Или за македонизмот како „тоталитарната комунистичка државотворна идеологија“ од која Македонија и како (квази)демократска држава не се откажува. Оф, се извинувам, тоа би било тешка филозофија за обајцата. Имате друга сфера на интерес, нели.