Моќта е валута на политиката. Без моќ, власта би била бескорисна како кола без мотор. Самиот збор моќ, на англиски „power“, или изворно од латинскиот „potere“ е со значење „може“. Така моќта во политиката дозволува да се спроведуваат колективни, а и индивидуални одлуки. За да нема злоупотреба на тоа „може“, т.е. на моќта или власта во државите, а и кај нас таа е уставно поделена на законодавна, извршна и судска. Само што кај нас праксата покажува дека доминира втората, првата е само „гласачка машина“ и безусловен поддржувач на втората, а третата е нејзин слеп служител.
Специјалното јавно обвинителство беше создадено со амин на законодавната власт во 2015 година, а со цел за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Мисијата на оваа нова инситуција беше да ја спроведува правдата преку принципот на владеење на правото. Само што тој принцип не беше баш строго почитуван и се покажа дека трите специјални обвинителки беа продолжена рака и слеп послушник на власта. Трите специјалки се претворија во „ангелите на Чарли“ слепо служејќи му и исполнувајќи ги неговите наредби.
Сега власта е со намера за продолжување на животот на специјалното јавно обвинителство. Судбината на оваа институција и нејзиното постоење треба да се реши со новиот предлог закон со кој се регулираат нејзиниот статус, автономијата и надлежностите. Сепак влијанието на „меѓународниот фактор“ е очигледно и притисокот од тој фактор влијае врз сите домашни политички актери да се преиспитаат и да ги променуваат своите ставови. Видовме дека во меѓувреме во земјава допатуваа високи претставници на САД и ЕУ. И тоа е само еден од многуте примери претходно кога „меѓународниот фактор“ или „меѓународната заедница“ кај нас ја креираат домашната политика. Албанскиот коалициски партнер во власта се согласи со новиот предлог закон за специјалното јавно обвинителство и даде зелено светло за тоа во владата. А пак на крај, власта и опозицијата се договорија за лидерска средба за да решаваат за иднината на специјалното јавно обвинителство.
Велат од пишаното не се бега, а напишаното веќе се спроведува. Се преименува државата, се менуваат имињата и називите на државните институции. И сето тоа за да бидеме во НАТО. А за ЕУ ќе треба да ги спроведеме необходните реформи, на пример како што е и регулативата што се однесува на Специјалното јавно обвинителство. Јасно е дека ако некаде во иднина домашните политички актери се скасаат и покажат силни искрења помеѓу, во тој случај интервенциите на „меѓународниот фактор“ ќе ја смират топката. Исто така, се плашам дека и во иднина извршната власт ќе доминира, законодавната и понатаму ќе биде „гласачката машина“, а третата ќе остане слепата служителка. Да работиме на тоа да не дозволиме повеќе слепата служителка „Јустиција“ да стане продолжена рака на „Чарли“ и тој да не се крие зад звучникот како во филмот и неговото „може“ да се минимизира, а на неговите идни „ангели“ да им се скратат крилата ако не ја спроведуваат правдата.
Comments are closed for this post.