Музеј на македонската борба за самостојност и официјално е новото име на Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и музеј на жртвите на комунистичкиот режим.

Со ова не само што се реализира одлуката на Меѓуресорската работна група на Владата за извршување на обврските од Договорот од Преспа, туку конечно се реализираат и пред и постизборните ветувања на владејачкиот СДСМ.

За потсетување, на фонот на „општиот грабеж“ од проектот „Скопје 2014“ требаше да се провери целата финансиска конструкција за изградбата на Музејот, но и да се „прочешла“ содржината и целиот историски наратив на музејската поставка. А, во преодните, матни времиња на смената на власта не беа отсутни и отворените закани и стравувања за „срамнување со земја“ на целиот објект.

Промената на името на Музејот како државна институција е готова работа. Ако се стави на страна содржината и историскиот наратив на поставката, зашто епилогот се уше не е конечно познат, барем за пошироката стручна и поширока јавност, останува чувството дека Договорот од Преспа стана само изговор. Под неговиот плашт едноставно се бришат историското ВМРО и жртвите на комунизмот, па сега сосема легитимно останува отворена дилемата дали тие воопшто постоеле и се уште се дел од националниот, македонски историски наратив.