Австрискиот канцелар Курц неделава (со право) го дигна гласот против евро-бирократското пре-регулирање во кое по илјадници прописи за се и сешто, како на пр. изгледот и димензиите на зеленчуците и овошјата, „на мета“ на бриселските регулатори се најде и начинот на подготовка на традиционалните (виенски) шницли, „загрозувајќи“ го автохтониот рецепт со корени од хабсбуршко време.

Ова ме потсети и на вицот за трите жени на пазар кои (пре)бирале краставици, коишто според (актуелните) бриселски стандарди мора да бидат прави, од пропишано семе, со рамковна должина, пакувани на одреден начин… Првата жена од вицот барала тенки и долги краставици. Втората барала не предолги, прави и подебели, а додека тие пребарувале, третата му пришла на продавачот со зборовите: „Гледам тазе се краставициве. Мене дај ми еден килограм, прави, криви сеедно – за салата ми се“.

Барањето „правда за виенската шницла“, заедно со иницијативата за поништување на илјада вакви беспредметни регулативи е битно оти покажа до каде е отиден бирократскиот ум во регулирање на појавното, заборавајќи ја суштината. И затоа што се залага за запирање на бриселското административно левичарење низ прекумерно регулирање до степен што Централна, Источна и Југоисточна Европа ги вади од такт, потсетувајќи на минатите времиња.

Всушност Курц-овиот повик е се освен само прашање на кулинарство. Тој е обид за запирање на административната надмоќ на Унијата над она што и во предбриселска Европа било традиционална специфика на составните делови од кои се градеше ЕУ како „единство на разликите“. Единство што, заедно со принципите на владеење на правото, демократијата и вредностите на пазарната економија и граѓанските слободи, беше беспоговорно привлечно за сите (не-ЕУ) нации само до пред пар години. Пред да биде потиснато во втор план од вулгаризирањето на идејата за Европа од самата Унија, преку нејзините функционери и апаратчици.

Тој повик е и илустрација на политичкото рекалибрирање пред евро-изборите. Сите полека се освестуваат дека праксата на Брисел на гледање „од високо“ кон граѓанинот-Европјанин и со презир кон (Југо-)Источна Европа, само им го отвори патот на оние кои Унијата веќе не ја гледаат како стандард за функционалност, туку како пречка за политиката според нивни стандарди. Прашање е дали во овој момент рекалибрирањето само по себе е доволно за запирање на спротивните трендови.

Ова е и илустрација дека всушност и Курц е уште еден во низата што адресираат барање за повеќе сувереност. Таквите барања што доаѓаат ширум ЕУ донекаде се контрадикторни со заедничкиот европски пазар, валута, безграничниот проток на луѓе и стоки…, но се одраз на чувството на загрозеност на вредностите и пред се стандардот на (западната) европска цивилизација. Таа е одговор на тренди-левичарскиот интернационализам доведен до судир со традиционалните вредности, мигрантскиот притисок, неможноста од посилен економски раст… Доколку европската економска конкурентност беше на нивото на деведесеттите, можеби ќе продолжеше европскиот привид за благосостојба под плаштот на (практично бесплатниот) северно-атлански (читај: американски) безбедносен чадор. Но, тоа сега е минато, па „бесплатниот ручек“ за и во Брисел – заврши.

Во однос на нас самите, време е да се соочиме со очигледното. Некритичката ЕУ-мантра постои само во речникот на евро-бирократите и комесарите кои се надеваат на репозиционирање во идната ЕК и на политичарите (во регионов) кои својот легитимитет го црпат само од нив. Бидејќи Балканот, особено Западниот, стана прва колатерала на ваквите нови околности, одолжувањето на интегрирањето во ЕУ на Албанија, С.Македонија, Србија, Ц.Гора… е се поизвесно.

Затоа, „прекорните“ изјави за кредибилитетот на ЕУ доколку нема датум за преговори, што сега срамежливо доаѓаат од високи македонски функционери, се задоцнет обид за „јавање на бранот“ на незадоволство од досега испорачаното кон нас. Кредибилитетот на ЕУ-бирократијата одамна е загубен, а привлечноста на Унијата зависи од одржувањето во живот на европската идеја која е политичка и општествена, но пред се е економска. Парадоксално, пред се во (старите) членки на Унијата.

Вака гледано, станува јасно дека барањата на Париз за внатрешно редефинирање на ЕУ, затегнатите односи меѓу Брисел и Варшава, политиките застапувани во Будимпешта и Рим… вклучително и последнава пројава на Виена, се дел од новите струења во Унијата во која има видлива резерва за проширување, колку и Берлин да сака да (личи дека) го држи тоа прашање во живот. И која тешко дека за проширувањето ќе цени одделно за секоја од земјите-кандидати. Спротивно на она што сега ни се сервира.

Штета од јавната свесност за овие трендови најмногу може да има по Владата, која од 2017 до денес само ги ѕидаше очекувањата и на тоа ги засноваше сите кампањи. Ако е за утеха, штетата по националниот консензус околу определбата за членство во ЕУ ќе биде помала и разочарувањето ќе биде во „регионалниот просек“.

Или во духот на гастрономијата: скопската „мешана“ салата можеби ќе биде сервирана на европското мени, но само откако ќе се види дали ќе победи „виенската шницла“ или „бриселската регулатива“. Правецот ќе се види на евро-изборите следниот викенд.