Да не е трагично, би било смешно. На ова би можело да се сведе реакцијата на собранискиот протокол и прес-службата. Тие си најдоа толку едноставно образложение за тоа зошто не бил поканет лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на инаугурацијата на новиот претседател на државата Стево Пендаровски, на кое, мора да се признае, можат да му позавидат и сите светски школи за протокол и пи-ар менаџмент.

Ајдеее мајката, што би рекол премиерот Зоран Заев, за такви пригоди не се канеле лидери на политички партии, кои не биле пратеници! И тоа произлегувало од досега воспоставената пракса.

И се би било во ред, ако таа и така воспоставена пракса не делува смешно во споредба со реалноста. Зашто, можеби некому ќе му прозвучи парадоксално, но токму од реалноста произлегува дека во Македонија полесно се менува Устав, отколку еден обичен протокол! И сега, повторно може да се забележи дека Уставот не е Библија и тој може да се менува во согласност со потребите и новата реалност на давата. Па, да, токму тоа и се прави. Во согласност со потребите произлезени, на пример, од Договорот од Преспа, се сменија еден куп членови. Се разбира, во името на евроатлантските процеси и светлата иднина на државата.

Е, сега, протоколот ни е Библија. Тој никако не смее да се промени или, не дај Боже, да се толкува во зависност од потребите произлезени од актиелниот политички миг. И тука најмалку станува збор за Христијан Мицкоски. Зашто, има и други имиња, пред се, двајцата кандидати, кои ги изгубија изборите-професорката Гордана Сиљановска Давкова и Блерим Река. Тие двајцата, заедно со Пендаровски потпишаа кодекс за фер и демокатски избори. И тројцата во текот на целата изборна кампања дадоа максимален придонес за мирна политичка изборна атмосфера, што во крајна линија и се манифестираше во секојдневието. Очогледно, и за тоа и како директни учесници во претседателската трка не заслужиле место во собраниските клупи.

Згора на тоа, претседателот Стево Пендаровски токму во својот инаугуративен говор само ги повтори заложбите од кампањата за обединување на општеството и надминување на недоразбирањата со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Точно како што доликува на еден претседател на држава.

За жал, тоа, по се изгледа, не допрело до ушите на собранискиот протокол и пи-ар експертите. Тие си остануваат заќаурени во својот микро свет на еден излитен протокол.

А, токму по завршувањето на изборите, уште вечерта по објавувањето на првичните изборни резултати, во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на професорката Сиљановска Давкова и на Мицкоски им беше забележано зошто, наводно, им недостига  политичка култура и не ја честитаат победата на Пендаровски, иако јавно ги признаа резултатите. Не поминаа ни седум дена, а сега истото прашање за недостиг на политичка култура неизбежно се наметнува и за собранискиот протокол и пи-ар експертите. Имаат ли тие, воопшто, политичка култура? Според инаугурацијата на новиот шеф на државата сигурно не. Ајде, можеби ќе научат нешто и ќе ја сменат Библијата наречена собраниски протокол.