Прелесното дефинирање припадност во сфера на интерес на еден сосед до степен на снисходливост и посакување можеби е академски или вербално атрактивно, но отвора големи непознаници. Сепак, добро е што ги објаснува исходите од кадровските комбинаторики во раните деведесетти години, но и претседателско-кандидатските од пред само неколку месеци.

Притоа, не зборувам за посетата на Ципрас. Протоколарната „лежерност“ повеќе одрази политичка адолесцентност отколку смислено манифестирање територијална провинцијалност, без оглед на медиа-интерпретациите. Дел од темава не е ниту контролирањето на македонското воено небо. Договорно, тоа претходно беше задача на Бугарија, а сега на Грција, во заедничката одбранбена стратегија низ НАТО.

Напротив, потсетувам на дипломатските пораки по потпишувањето на Преспанскиот Договор што не беа претставени во македонските мејнстрим медиуми, како на пр. на обраќањето на тогашниот помошник-државен секретар на САД за Европа и Азија во Атина. Во услови на специфични околности во Медитеранот, тој ги подвлече грчките напори за затворање на спорот како охрабрување за грчките позиции во регионот виз-а-ви осетното турско економско-дипломатско присуство на балканските простори. Екс-американскиот функционер како да потсетуваше на неостварениот импакт на Агендата Солун 2003, чиј неуспех заедно со финансиската криза го отвори регионот и за традиционалните регионални ривалства, но и за активноста на Русија и Кина тука.

Затоа, со појавното во вид и суштинското на ум, предлагам да тргнеме од премисата дека С.Македонија ја засилува смислата на своето постоење како крстосница (на коридорите) меѓу петте соседи, наместо само како истурен „провинциски“ клин на кој било еден сосед. Блиската историја потсетува дека како таква државата (о)стана дел од архитектурата на (уште кревката) регионална стабилност проектирана по екс-ју конфликтите со значаен ангажман на САД, низ безбедносната закрила на НАТО и европскиот економски плашт. Впрочем, грчкото силно присуство во мк-економијата особено од 2000 (и без решен спор), како и сега грчката, бугарската и албанската поддршка на нашите ЕУ и НАТО интеграции (соодветно), ја потврдуваат премисата. Токму неинсистирањето на дефинирање ексклузивитет во партнерството и соработката, ги овозможи партнерството и соработката.

Најавата за нетактичен редизајн на оваа премиса од нашата академска, политичка или дипломатска елита, пак, несомнено ќе отвори многу прашања. Дома, во соседството и пошироко. За почеток, веќе не соочува со впечатокот дека ова е само нова нарација на истите кои претходно децениски ја застапуваа матрицата дека „само Србија знае да прави држава во регионот“, наметната и наследена од белградската екс-ју-школа.

Егзибиционизмот ризикува дома да ги дополни поделбите во и онака поларизираниот македонски народ и меѓу македонскиот и сите други народи кои живеат во РСМ. Мој мудар пријател, на пр., веќе срочи еден ризик на Преспанскиот Договор: „… Колку е поедноставно потпишувањето, толку е покомплексно спроведувањето. Помислете на Дејтон, на Охрид.“ Би дополнил: Ако овој договор има(ше) за цел да го реши македонското прашање како едно од последните отворени прашања на Балканот, секое негово користење за пикање на С.Македонија во исклучива соседска сфера на интерес ќе провоцира импликации по општеството и одржливоста на државата. И во обидот да ги изолира останатите, само ќе го подрие македонскиот идентитет.

Истите аларми ќе ги покрене и во соседството. Покрај билатералното значење, Договорот за пријателство со Софија беше и вовед во затворањето на спорот Атина-Скопје, за Преспанскиот да ги доотстрани историските основи за недоверба и конфликтност во овој дел од регионот. Неговата злоупотреба за „зонирање“ на РСМ во ексклузивна соседска сфера на интерес е само вовед во нови отворени прашања меѓу Атина, Скопје и Софија, што не ќе ги изостави ниту Белград, Приштина и Тирана.

Ако засега сметаме дека Брисел, со две ЕУ членки-соседи на Македонија, не ги следи изјавите/постапките на македонските полит-интелектуално-дипломатски елити, по ЕУ-изборите ќе добиеме одговор и дали некој таму посакува однапред подразбирана едногласност во телата на Унијата на потенцијален триаголник Атина-Никозија-Скопје.

Пораките на Анкара и актуелизирањето на барањата за екстрадиција на фетоистите од земјава при последната посета на турскиот министер за одбрана следат по посетата на нашиот министер за надворешни работи пред еден месец. Тие оправдано поттикнаа загриженост дека динамиката на евро-атланската интеграција на земјава може да биде процедурално успорена од политички причини и по се што е спроведено.

Пренаивно е да се помисли дека ваквото (можно) вртење на нашата надворешна политика, како што го загатна првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, не било вака протолкувано и таму и во сите набројани главни градови. Многу порано пред домашната јавност и да помисли на овие прашања. Со јасна претстава за штетата што ваквата реторика и ја нанесува и на С.Македонија и на соседот чија сфера на интерес таа реторика ја заговара/застапува.

Без оглед на нашето доживување на Преспанскиот Договор, неговата политичка цена и придобивките од него, прашањата во политиката и дипломатијата најчесто не се еднозначни, но за земја како нашата се и тоа како динамични. А договорите, особено оние за стратешко партнерство, како на С.Македонија со САД, треба да се имаат предвид како основа на постапувањето, заедно со стратешките цели и магистралните патишта кои сме си ги зацртале со широк политички, етнички, општествен… консензус.

Затоа, ставовите кои РСМ ја навлекуваат во магловити дизајни бараат и јасни позиции од сите кои пледираат да креираат и спроведуваат политики на земјава и на нејзините стратешки партнери. За почеток, од претседателските кандидати.

Ова е еден пристап кон ваквото прашање, дефиниран врз основа на препознатиот национален интерес и евро-атланската припадност. Со се што тие подразбираат.